http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=122410729266&id=10&setIzdanie=22166
Цената на струјата расте за нови два отсто?
Се очекува регулаторите да ги прифатат доставените забелешки на енергетските компании и цената, наместо првичните 6,36 проценти, да ја зголеми за дополнителни 1,5-2 процента
Струјата ќе поскапи повеќе од најавените 6,36 проценти дознава „Нова Македонија“ од свои извори. На седницата најавена за денес се очекува Регулаторната комисија за енергетика да ги прифати доставените забелешки на енергетските компании и да ја зголеми цената за дополнителни 1,5-2 процента. Оттаму потврдуваат дека во тек се новите пресметки и можно е струјата да поскапи повеќе од најавеното. Дознаваме дека во обид да го ублажи ударот врз граѓаните Владата ќе се обиде да влијае врз државните ЕЛЕМ и МЕПСО, да не притискаат премногу со барањата. Предмет на дополнителна анализа на Регулаторната комисија ќе бидат и трошоците што ги доставиле од ЕВН, тврдат нашите извори. Енергетските компании деновиве изразија незадоволство од делот што првично им го утврди регулаторот и бараат повеќе.
- Потрошената електрична енергија во рудниците и во термоелектраните не е влезена како трошок во зголемувањето, а не е пресметан и трошокот за ненаплатените долгови. Регулаторот треба да процени дали ненаплатените долгови ќе имаат влијание во порастот на цените или не - изјавија од ЕЛЕМ.
Свои забелешки имале и од ЕВН, како и од МЕПСО, тврдејќи дека инвестиции во делот на обновливите извори не им се прифатени.
Нашите извори појаснуваат дека за обновливите извори се предвидени фидинг или повластени тарифи. Во меѓувреме, ЕЛЕМ и МЕПСО ги отфрлаат како неточни и паушални тврдењата на пратеникот на СДСМ, Јани Макрадули, дека струјата ќе поскапи поради новите вработувања во двете компании.
- ЕЛЕМ не препознава партиски книшки, туку единствено стручност. Компанијата годинава влезе во силен инвестициски циклус тежок над 100 милиони евра. Се отвори нов рудник во РЕК „Битола“, нов коп во Суводол, модернизација на термоцентралата, отворивме нов диспечерски центар, се реновираа турбоагрегатите во „Енергетика“, почнати се активностите за Бошков мост, Луково поле, ветерниот парк „Богданци“ итн. За сето тоа е потребна мобилизација и на нови луѓе - тврдат од ЕЛЕМ, додавајќи дека бројките за нововработени што се пласираат во јавноста не се точни. Пратеникот Јани Макрадули од СДСМ, пак, останува на тврдењето дека непродуктивно се вработени 625 лица во ЕЛЕМ, во услови кога паѓа производството на компанијата.
- Како е можно на помало производство да се дозволи вработување на толку луѓе. Цената на струјата од август 2006 година до денес е зголемена за 36,6 проценти - вели Макрадули. Влатко Гаврилов, поранешен член на Регулаторната комисија за енергетика, појаснува дека во пресметките за цената на струјата влијаат сите оперативни трошоци што ќе ги доставаат енергетските компании.
- Сепак, зависи што од сето тоа ќе се прифати како оправдано. Продуктивноста во секој случај е најважна и бројот на вработени треба да се изразува преку продуктивноста - нагласува Гаврилов.