Огнот е еден од 4те елементи; тој е лесен и се издига над другите; согорува, но истовремено и осветлува, а создаден е од Творецот уште во првиот ден, бидејќи Божественото Писмо вели : И рече Бог : ,, Нека биде светлина ! И би светлина ''. Зашто, како што велат некои, огнот не е ништо друго туку светлина. Други, пак, велат дека космичкиот оган е над воздухот и го нарекуваат етер. Во почетокот, односно во првиот ден, Бог ја создал светлината како накит и украс на видливото создание : Зашто, ја снема ли светлината, се ќе остане нераспознатливо во темнината, и нема да може да ја искаже својата убавина.И светлината Бог ја нарече ден, а темнината ја нарече ноќ. А темнината нема суштина, туку е случајност, претпоставувајќи отсуство на светлина, зашто воздухот нема светлина во својата суштина. Тоа отсуство на светлината во воздухот Бог го нарекол темнина. Темнината, значи, не претставува суштина на воздухот, туку лишување од светлината, што укажува на случајност, а не на суштина. И не е прво повикана во постоење ноќта, туку денот, според тоа прво е ден, а потоа ноќ. Значи, ноќта следува по денот, и од почетокот на еден до почетокот на друг ден е едно деноноќие, зашто Писмото вели : И би вечер, и би утро - ден први.
Според тоа, првите 3 дена, благодарение на Божествената заповед светлината да се разлева и да гасне, денот и ноќта следувале еден по друг. А 4от ден Бог го создал големото светило, односно Сонцето, за да биде почеток на денот и да управува со него; зашто ден е тогаш кога Сонцето е над Земјата, а траењето на денот е сончевата патека над Земјата од неговото изгревање до заоѓање ; и ги создал помалите светила, односно Месечината и ѕвездите, за да бидат почеток на ноќта и да управуваат со неа и да ја осветлуваат. Ноќ е кога Сонцето е под земјата, а траењето на ноќта е сончева патека под Земјата од заоѓањето до изгревот.