На 24 јуни 2006 година во Лајпциг, Аргентина го победи Мексико со 2:1 во осминафиналето на Светското првенство во Германија.
Четири години подоцна овие две репрезентации ќе играат во истата фаза, но овој пат на Мундијалот во Јужна Африка.
Дури четиринаесетмина фудбалери како и пред четири години така и овој пат ќе имаат можност одново да играат во меѓусебен дуел. Меѓу осумте Мексиканци е и Рафаел Маркез кој во Лајпциг беше стрелец на водечкиот гол за неговата репрезентација.
Од другата страна меѓу шесте Аргентинци, е и Макси Родригез, со чиј гол во осмата минута во дополнителниот период Аргентина стигна до победата против Мексико.
Денешниот натпревар е само трет меѓу овие две репрезентации на завршницата на СП. И првиот го добија Аргентинците на Светско првенство во Уругвај со 6:3.
„Ние ги респектираме Мексиканците, бидејќи тие тоа го заслужуваат. Иако во групата загубија од Уругвај тие се репрезентација која точно знае што прави. Но и тие ќе мора да ги почитуваат моите фудбалери. Овие две репрезентации имаат одиграно многу интересни натпревари. Се надевам дека таков ќе биде и денешниот и дека ние ќе се радуваме на крајот“ изјави селекторот на Аргентина, Армандо Диего Марадона.
Оптимизам владее и во таборот на Мексико.
„Денеска веќе никој не размислува за она што беше во минатото. Тоа е Аргентина, па што? Секогаш премногу сме го респектирале денешниот противник. За жал, понекогаш и ние самите не веруваме во себе и ни недостасува самодоверба, каква што ја имаат другите тимови. Треба да го промениме тоа. Аргентина може да биде совладана, тоа е начинот на кој мораме да размислуваме и со таков пристап да влеземе во овој дуел“ истакна на капитенот на Мексиканците, Рафаел Маркез.
Натпреварот во Јоханесбург меѓу Аргентина и Мексико ќе започне во 20 часот и 30 минути.