A ova prognoza bese pred nekolku meseci
Во 2050 Полска и Турција ќе војуваат со САД
Новите држави-џинови Фридман ги анализира од аспект на нивната геополитичка, демографска, етничка и социоекономска ранливост, кои, во наредната декада, со мала американска стимулација, ќе се претвораат во конкретни безбедносни проблеми. Како последица на таквите дејства, Фридман тврди дека кинескиот „змеј“ и руската „мечка“ целосно ќе колабираат до 2020 година, оставајќи зад себе хаотична евроазиска празнина
Џорџ Фридман не претендира на титулата пророк од рангот на Нострадамус, но бидејќи важи за еден од најрелевантните светски аналитичари кој своите студии, извештаи, анализи ги прави врз основа на огромен број податоци, неговите визии за идните настани што ќе го обликуваат светот се релевантно четиво за оние кои се занимаваат со политика.
Основната теза на Фридман произлегува од фактот дека на светот на почетокот на 21 век му се случи светска криза со последици на разорен земјотрес кој ги пеплоса урнатините на градбите од претходниот век. Прашањето што ќе никне на тој простор за авторот е апсолвирано. Тој тврди дека САД и во наредните стотина години ќе останат водечка светска сила. Дури смета дека историски, 21-от век претставува вистински почеток на американската доминација со светот, а тековната светска криза ја третира како критична точка која го означува крајот на т.н европска ера.
Основната геополитичка причина за тоа е местоположбата на САД - нејзината распространетост на Атлантскиот и Тихиот океан како и без конкуренција најголемата морнарица која на државата и овозможува целосна контрола на водните трговски патишта. Фридман во тој поглед прави историска паралела со Велика Британија од 19 век, која својата надмоќ ја има опеано во славната „Британија владее со брановите“. Како и секоја голема држава, и Америка е осудена на џомбасти периоди, на подеми и падови, победи и порази. Но, според Фридман, САД се уште е толку технолошки и воено надмоќна, што 21 век може такаречи да го извози релативно спокојно. Интересно, тој, за разлика од многумина светски аналитичари, во Русија, Кина и Индија не гледа конкуренти за американскиот примат во светот. Напротив, овие држави џинови ги анализира од аспект на нивната геополитичка, демографска, етничка и социоекономска ранливост, кои, во наредната декада, со мала американска стимулација, ќе се претвораат во конкретни безбедносни проблеми. Како последица на таквите дејства, Фридман тврди дека кинескиот „змеј“ и руската „мечка“ целосно ќе колабираат до 2020 година, оставајќи зад себе хаотична евроазиска празнина.
Тоа, вели, во крајна линија била долгорочна стратегиска цел на Вашингтон, но предвидува дека големите главоболки за Америка ќе настанат дури во втората половина од веков, кога ќе се појават новите регионални велесили од кои таа ќе мора да го брани својот лидерски примат. САД ќе војува во 2050 година со три,релативни држави и верни сојузници на САД, Полска, Турција и Јапонија. За крајот на векот, во 2080 година, Фридман го гледа судирот меѓу САД и Мексико.
21 век - нов драматуршки заплет
За да ни биде веројатно, а и полесни за сфаќање неговите слики за иднината на светските односи и настани, тој не повикува на својот времеплов, на една тура крстосување по 20 век со почетна станица во 1900 година. Тогаш, Британија владееше со светот, луѓето во Европа беа задоволни, живееја во мир, немаше на повидок настани кои би упатувале на светски војни. Но, веќе во 1920, по две регионални (Балкански) и една светска војна, гледаме сосема друг свет во кој ги нема повеќе Австроунгарската, Отоманската и Руската империја. САД и Јапонија, кои до Првата светска војна важеа како периферија на европската доминација, одеднаш пораснаа во големи сили. Германија, на која по поразот и беше наметнат суров диктат, не беше сметана за потенцијална моќна држава. Но, по нови дваесет години и една светска економска криза, Германија во 1940 година стана доминантна во Европа. Во истиот тој период и сталинова Русија од банкротирана империја, стана моќна држава. Во тој клинч, помеѓу два ривали и партнери, Велика Британија беше осамена империја во залез. Таа нужно, во предвечерието на Втората светска војна побара помош од САД. Победи во војната и загуби сé што беше. Дваесет години по големата победа над фашистичка Германија и Јапонија, Германија беше поделена, исто како и остатокот од Европа. САД и Русија изградија биполарен свет со кој тие доминираа. Нови 20 години подоцна, во 1980 година, САД како супер сила веќе го доживеа првиот пораз во Виетнам, но и во Иран од чии нафтени полиња беше исфрлена. Тоа ги натера Американците на промена на својата геостратешка игра. Се свртеа кон Кина и соработката со неа. Веќе по 20 години, во 2000 доаѓа до уште една драматична пресвртница во светските односи. Целосно пропаѓа СССР откако десет години пред тоа се обедини поделената Германија. Кина и натаму е комунистичка, но економијата и станува капиталистичка. НАТО напредува кон Источна Европа, до руските граници.
Како и сто години пред тоа, Фридман вели дека се мислело оти светот влегува во мирна и просперитетна фаза со еден господар на светот. Но, се случи 11 септември 2001 година и светот повторно се сврте на глава. Сега сме на почетокот на нов драматуршки заплет.
Полска-Русија пак
Според Фридман, во првата декада Европа стана периферна заедница на второстепени екс-империјални држави со ограничени човечки и енергетски ресурси. Политички, таа ни во наредните сто години нема да најде обединувачка формула и најверојатно ќе продолжи да глуми целина од четири региони. Атлантска, Централна, Источна и Скандинавска Европа вели Фридман е непосредната иднина на стариот континент. Ранливата и дезориентирана Европа и ранливата сконцентрирана и амбициозна Русија, според основачот на Стратфор, ќе бидат, така да се каже, потенцијална земјотресна зона или нешто како конфликтен Балкан со поголеми пропорции. Тој предвидува конфликти околу источните европски граници кои ќе ги решава логистички Вашингтон со помош на Полска на која ќе и трансферира напредни технологии. Во неговите визии, стратегијата на САД останува горе-долу непроменета. Таа ќе продолжи со напорите да и ја одземе единствената геостратешка предност на Русија која е суштина на сите нејзини големи победи - од Наполеон до Хитлер. Се работи за длабочината на просторот која не успеа да ја совлада ниту еден од историските завојувачи. Затоа САД, преку проширувањето на НАТО, сакаше да стигне до сегашните руски граници.
Интересно е дека Фридман во наредните стотина години, не го гледа НАТО како богзнае колку ефикасен безбедносен чадор, зошто до 2050 година прогнозира конфликти помеѓу европските држави, сега членки на Унијата и НАТО. Ова, доколку се покаже како точно, ги прави историски нерелевантни стратегиските „агенди“ на македонските „политичари“.
За некои четириесетина години од сега, светот го очекува раѓањето на нова европска регионална сила. Фридман вели дека тоа нема да биде обединетата и економски потентна Германија, уште помаку Франција или уморната Велика Британија, ами Полска. Зошто Полска и од каде токму земјата која од 16 век се нема спастрено од завојувачи, окупации, делби? Подемот на Полска, во историска смисла, ќе го овозможи САД, на која и треба сојузник во борбата за потиснување на Русија. Фридман вели дека Полска ги исполнува сите геополитички услови за таков растеж. САД имаат стратегија да ја дефокусираат Русија од големата игра за доминација со светот и да ја трошат нејзината енергија на мали битки и тоа на европски и азиски терен. Како коска за глодање ги гледаат Балтичките држави, односно, судирот на Русија со североисточна Европа. Полска, која е историски приклештена од Германија и Русија, а без природна одбрана, би реагирала на секој обид на Москва да го врати влијанието на Балтикот, што се очекува да се случи на половината од наредната декада, значи, некаде околу 2015 година. Со оглед дека НАТО механизмот е кабест и комплициран, Фридман вели дека ќе биде поефикасно ако Полска ја заврши работата самостојно, без да чека консензус од членките како Германија и Франција кои ќе сакаат да избегнат конфронтација со Русија (историските реминесценции од Втората светска војна се силна алатка за правење паралели).
До 2020 Русија пред воен колапс
По идентичен модел, на теренот на Азија, во приближно истиот период ќе стасаат другите две регионални велесили. Се работи за Јапонија на Пацификот и Турција која, според Фридман, единствена има таков капацитет на теренот на предна и средна Азија. Освен познатите геополитички предности на држава распослана на два континенти и не така дамнешно минато на голема империја која владеела со Медитеранот, таа има огромна економија (сега е 17-та по големина) која страотно брзо расте и е муслиманска држава централно позиционирана во претежно муслимански регион, со извонредно обучена и ефикасна армија. Како таква е еден од најважните партнери и сојузници на САД во тој регион, а во наредните децении таа улога се очекува уште повеќе да порасне со помош на Вашингтон. Пред сé, зошто може да ги врши задачите на прва борбена линија за потребите на САД околу Кавказот, односно, јужните граници на Русија и Иран.
Иако стратегиска цел на САД во наредните декади на 21 век ќе биде да ја елиминира компактноста на кинеската држава до нејзина фрагментација и да ја намали длабочината на рускиот простор, таа нема во план да предизвика големи светски војни. Затоа, вели Фридман, ќе се сконцентрира на она што и досега успешно го правеше - да креира услови за локални земјотреси на оние линии каде се „тријат“ големите интереси, а воедно успешно да гради партнерски и пријателски односи со своите сегашни ривали. До 2015 година, според предвидувањата на Фридман, САД ќе бидат фокусирани на Русија и во зависност од настаните, тој дава две сценарија за интензитетот на меѓусебниот натпревар. Доколку сегашниот подем на Русија заврши со доминација со централно азиските држави, Кавказот и апсорбирањето на Молдавија, а без балтичките држави, ќе се смета тоа за мала криза во меѓусебните односи, со благ вкус на студена војна. Но, сосема поинаков би бил американскиот одговор ако Русија успее да го апсорбира Балтикот и придобие доволен број сојузници на Балканот, како Србија, Бугарија и Грција или, централно европски држави како Словачка. Во таков случај, основачот на Стратфор, верува дека Русија ќе доживее воен колапс во 2020 година. Во втората половина од векот, по елиминација на руската и кинеската опасност, според Фридман, САД ќе почне да се соочува со новите регионални џинови кои помогнала да се издигнат.
Балканот пак ќе биде колатералка
Распадот на СФРЈ според Џорџ Фридман е одлична историска секвенца на неговиот сликовит времеплов. Тој тврди дека крвавите војни се директно предизвикани од крахот на Советскиот Сојуз и биполарниот свет. СФРЈ била политичка замисла на победниците во Втората светска војна, која се одржувала единствено како тампон-зона помеѓу две антагонизирани империјални сили. Како на Американец, потентен освојувач на светот со варварски светоглед, Балканот на Фридман му личи на „археолошка ископина на фосилизирани народи, остатоци на античките освојувања што сé уште висат на нивните славни идентитети“. Но, токму таа територија за Европа историски била важна транспортна точка. Вели, „несреќата е во тоа што секој освојувач зад себе оставал по еден народ и една религија, а секоја од овие оставини, меѓусебно се презирале до коска и заради таа омраза секој врз секого, во еден момент, извршиле злосторства од монументални пропорции, кои се врежани во колективната меморија како да се случиле вчера“. Балканот и во оваа анализа на Фридман останува на линијата на големите тектонски потреси во наредниот век, нормално, како колатералка.
Варвари со кратко помнење
Џорџ Фридман воочува дека надворешната политика на САД напати била детски неодговорна и варварска. Ама заклучува дека пубертетскиот хормонален период е неизбежен и за империи. Вели дека е бесполезно светот да чека САД да се извинуваат за направените грешки. Природата на империите е таква што тие не се сеќаваат на последиците што ги предизвикале на некој локален терен, врз некои локални народи. Во тој контекст, Фридман како пример ги дава балканските проекти на Клинтон и Буш - БиХ и Косово за кои вели дека се последица на моментални емоции и тотално ирелевантни за американските глобални и регионални интереси. Дури и поразот во војната со Виетнам и катастрофалната окупација на Ирак, Фридман ги оценува како епизоди без голема историска важност. Освен за Виетнамците и Ирачаните!
Стратфор - ЦИА во сенка
http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=8491041297&id=9&prilog=0&setIzdanie=21754