Да бе, демек нема психопати меѓу христијаните... Овие се од лошите, но не се сите лоши. Да генерализираш е лошо.
весник Дневник бр 4223 среда 24 март 2010
Боб Марли или Александар?
Како поинаку да се протолкува осветувањето на цркви со фрески на Александар и Филип, прочуени полигамисти и многубожци? Можеби на прв поглед ќе звучи еретички, но повеќе има смисла да се сликаат фрески со многудетниот Боб Марли (оставил барем 11 деца), отколку со Александар. Боб Марли е православен христијанин, крстен во Етиопската православна црква во 1980 година
„Љубовта никогаш не би не оставила сами“ - пееше легендарниот Неста Роберт Марли, пророкот на растафаријанството - религија заснована на мир, љубов и единство. Биографите забележуваат дека првата љубовна романса завршила поразително за поетот на осаменоста. Врската ја прекинал постариот брат на девојката, префрлајќи му за неговото расно потекло: „Не сакаме никаков белец во нашата лоза“. Несомнено, Неста имал доволно причини да ја негува омразата. Поради бојата на кожата на татко му бил дискриминиран како „белец“ во родната Јамајка. Поради својата боја на кожа, почувствувал што значи да си „црнец“ во САД, каде што се преселила мајка му. Но, Боб не ја негуваше омразата, туку обединувачката љубов: „One love, one heart/Let’s get together and feel all right.“
Нема модерна „икона“ без иконофили и иконокласти. Профилот на Боб Марли на социјалната мрежа „Фејсбук“ има околу 3,2 милиони обожаватели (за споредба, Барак Обама има 7,9 милиони обожаватели). Секоја година обожавателите на Боб го слават неговиот роденден (6 февруари). Во 2005, во Етиопија се одржа голем концерт „Africa Unite“. Годинава во Јамајка се одржа меѓународен младински симпозиум спонзориран од УНЕСКО. И љубителите на реге-музиката во Скопје создадоа традиција од одбележувањето на роденденот на великанот на реге-музиката.
Годинашнава прослава во Македонија ќе остане запаметена по нејзиното „оригинално“ оспорување. На социјалната мрежа „Фејсбук“ се појави „асоцијална“ група против Боб Марли - „Против славењето на неговиот роденден во Скопје!“ Каузата на иконокластите (наводно од Битола) ќе остане за паметење: „Ова е група против славењето на странци кои не се заслужни за ништо за Македонија и кои биле само обични наркоси и ништожници!!!“ Што направил Марли за да ја заслужи оваа македонска „љубоф“? Демек, бил човек кој промовирал погрешни вредности. Оттаму и апелот: „Да ја вратиме свеста кај МАКЕДОНСКИОТ млад човек и да се вратат правилните вредности и херои...“
На прв поглед, не знаев дали да се смеам или да плачам. Сепак, напливот на безразложна омраза кон Боб Марли ме подзамисли. Навистина, кого треба да славиме? Кои се „правилните вредности и херои“? Прашањето станува особено актуелно по разединувачката визија за „Скопје 2014“ - по грандиозните споменици и восочни фигури со кои се редефинира македонскиот пантеон на народни херои. Накусо, зошто да ги славиме Александар и Филип? Дали тие се заслужни за создавањето на Република Македонија? Ни даваат ли македонските државни традиции од АСНОМ посебен повод за славење на војсководецот Александар Македонски и неговиот порочен татко? Ако ја следиме тесноградата логика на македонските оспорувачи на Боб Марли, би требало да формираме антигрупа и за прославувањето на Александар и на Филип: „Ова е група против славењето на странци кои не се заслужни за ништо за Република Македонија“. Имено, за основоположниците на македонската држава Филип и Александар се обични странци. Ниту еден партизански одред не го носел нивното име. Воопшто не се спомнуваат ниту во документите на АСНОМ, ниту пак во кои било други државни документи. Не се спомнуваат ниту во химната, ниту пак се упатува на нив во преамбулата на уставот од 1991, кој се повикува на „државно-правните традиции на Крушевската Република и историските одлуки на АСНОМ“. Митот за Александар не се негувал ниту во нашата држава ниту, пак, во историското ВМРО на Гоце Делчев. Впрочем, како што ни укажа и Димитар Димитров, кој проникливо сугерираше дека „сеприсутното откопување на Александар“ е „наше самозакопување“.
Митот за Александар бил користен од грчките националисти во „Македонската борба“ како главно идеолошко орудие за негирање на словенскиот карактер на етничките Македонци. Уште во далечната 1845 г. приказната за Александар била испечатена на македонски дијалект со грчки букви, за да се убедуваат Словените дека се дел од хеленската нација која го заборавила својот јазик. Бездруго, митот за Александар и Филип ќе го сретнете и кај преродбеникот Пулевски, кој пропагирал дека „наши баби славјански ги родиле“. Но, зошто повторно се воскреснува древномакедонскиот национален романтизам од 19 век, цел век откако Мисирков и Чуповски ги потиснаа овие квазиисториски будалаштини? Зошто се вратија од неврат „препотопските колоси“ Филип и Александар „под чие име, костими и бојни пароли, во напонот на својот романтичарски занес, парадираа македонските Словени“ (Драган Ташковски)?
Колку и да боли, одговорот мора да го проголтаме, како што ја проголтавме информацијата (надградена и проширена) дека споменикот на Александар ќе чини над 8 милиони евра. Со нас владеат луѓе кои не си ја знаат сопствената државна историја, ниту пак историјата на македонската револуционерна организација чие име го злоупотребуваат. Со нас владеат луѓе кои мислат дека со перење на стотици милиони евра можат да го „исперат“ и словенскиот карактер на етничките Македонци, претворајќи ги во карикатура, која во моментов служи за потсмев во светот. Мора да пронајдеме лек против античкомакедонската зомбификација ако сакаме да го спречиме неповратниот процес на „самозакопување“.
Најголем парадокс, и наша национална трагедија, е фактот што античкомакедонското идолопоклонство (како и култот на личноста кон св. Никола) го поддржува МПЦ-ОА. Како поинаку да се протолкува осветувањето на цркви со фрески на Александар и Филип, прочуени полигамисти и многубожци?
Можеби на прв поглед ќе звучи еретички, но повеќе има смисла да се сликаат фрески со многудетниот Боб Марли (оставил барем 11 деца), отколку со Александар. Боб Марли е православен христијанин, крстен во Етиопската православна црква во 1980 г., неколку месеци пред неговата смрт.
Жарко Трајаноски
http://www.dnevnik.com.mk/default.asp?ItemID=98BEB6A4AADFC742B86EFAC7221032AD