И Црквата во борба против дрогата
Порано знаев само да си „подгреам“ хероин или да направам „коктели“ од екстази, дијазепами и марихуана, ама сега научив да си правам вистинска храна - вели Р.Н., кој 20-годишното дрогирање го заменил со престој во тераписката заедница организирана од Струмичката епархија
Пред извесно време по којзнае кој пат беше актуелно дека граѓаните од повеќе општини и реони не дозволуваа во нивна близина да се отворат стационари во кои зависниците од дрога и алкохол ќе се лекуваат. Стигматизацијата во општеството за таквите лица, кои се прогласени за непожелни во околината, си го стори своето, па стационарите останаа неизвесност иако токму на зависниците (чиј број рапидно се зголемува) им треба помош. Секој умен човек треба да знае дека е добро да се даде помош некому кога моли за тоа, но уште подобро е да се помогне кога не си замолен, туку поради разбирање за состојбата.
Последниве години во МПЦ, разбирајќи ја ситуацијата, ја подаваат својата рака за помош на зависниците. Последен и најобемен проект во тој правец направи Струмичката епархија, која заедно со невладината организација „Избор“ пред три недели во струмичкото село Водоча ја отвори тераписката заедница „Покров“, каде што на подолг период ќе бидат згрижувани зависниците. Предвидена е посебна програма, која е новина дури и во соседните земји, а се практикува во развиениот свет. Екипа на „Дневник“ ја посети заедницата.
Само 10 цигари дневно
Поминувајќи ја порта, пред нас се отвори големо пространство со неколку згради, кои порано биле магацини на АРМ. Се упативме кон единствената реновирана пред која еден маж цепеше дрва.
- Прв пат сум чист, а и далеку од хероинот. Овде преку дружење со слични на мене и со строгите правила што се наметнуваат без притисок, ме враќаат во живот - видно среќен ни објасни 35-годишниот струмичанец зошто е дел од заедницата. Ни се претстави, но побара да ги напишеме само неговите иницијали Р.Н., оти од искуство знае дека јавноста нема да му помогне, туку ќе го отфрли ако му го дознае идентитетот.
Водејќи не' до вратата, ни раскажа дека 20 години е корисник на тешки дроги, а последниве седум се обидува да се среди, но секогаш по „чистењата“ со метадонска терапија пак се враќал на својот омилен хероин.
Влеговме во голема топла соба. Боботеше убавата печка на дрва во која со маша буричкаше отец Фотиј. Наминал тука за да види дали треба нешто да помогне пред да си замине во својот манастир во Берово. Неговото присуство ја нагласуваше пријатната тишина и мир во чистата просторија. Од влезниот шалтер се зададе човек кој веднаш почна со објаснување како се работи во заедницата.
- Овде не лекуваме, нема класични лекарски методи, туку низ програма и организиран живот им помагаме на лицата да не дојдат пак во контакт со дрогата. Услов да примиме некој тука е минимум десет дена да биде апстинент од дрога, за што бараме доказ со скрининг-тест - појасни психологот Сократ Манчев, кој раководи со програмата.
Сега овде се згрижени пет лица, тројца мажи и две жени. Има услови за прием на 45 лица. Машкиот дел е одвоен од женскиот, а двокреветните соби се подеднакво убаво средени. Покрај бањи, има и посебни простории за перење и за пеглање. Задолжени за работа и координација со згрижените лица се двајца психолози, еден социјален работник и двајца оператори-асистенти, кои всушност се веќе излекувани зависници.
На ѕидот во трпезаријата е закачен дневниот ред, кој започнува во 7 часот наутро и завршува во 22 часот. Испланиран им е секој час. Веднаш до него е поставен рафт како оној за клучеви во хотелските рецепции. На секоја преграда има име од штитениците. На наше изненадување, внатре имаше цигари.
- Им ставам по пет цигари наутро и тие им се за до ручек. Потоа добиваат уште пет и тоа е се' за тој ден. Ги одвикнуваме и од цигарите, кои сега, оти се наркоапстиненти, ги „швајсуваат“ една од друга - објаснува Манчев.
Сето тоа им паѓа тешко на штитениците, но ги прифаќаат правилата.
- Морам да научам да живеам без алкохол, оти животот ми беше пекол. Имам кризи и непреспиени ноќи, но со разговори и трпење издржувам - вели 29-годишниот Н.В., чие уморно лице јасно покажува низ што тој поминувал со години. Спас барал и во болницата во Негорци, ама секогаш наоѓал пат до чашката.
Ќе одгледуваат зеленчук и цвеќиња
Според програмата, штитениците тука треба да останат 12 месеци. Првите три месеци излегувањето од заградениот простор им е забрането, а во наредните 3 месеци ќе може да одат надвор само во придружба на оператор. Ако тоа се издржи, потоа со одобрение ќе може сами да излегуваат во Струмица, но со опомена дека ќе им се прави проверка преку урина дали дошле во контакт со дрога.
Долгиот период на изолација не ги плаши петте штитеници, а и кога имаат кризи психолозите им излегувале пресрет. Задоволство им прави и готвењето во убаво уредената кујна, што е обврска напишана во дневниот ред. Отец Фотиј им се приклучи на подготовката на ручекот.
- Порано знаев само да си „подгреам“ хероин или да направам „коктели“ од екстази, дијазепами и марихуана, ама сега научив да си правам вистинска храна - ни дофрли Р.Н. сечкајќи свежа зелка. Среќен е поради ова што сега му се случува бидејќи неговиот претходен период бил исполнет со паѓања во кома поради предозираност или со подолги престои во затвор. Го радува и подготовката за изградба и на мала фискултурна сала и теретана, како и започнувањето на курсевите по компјутери и странски јазици.
- Ќе градиме и линија за производство на бекатон-плочки, а ќе подигнеме и пластеници за производство на здрава храна и цвеќиња. Имаме околу зградава 7 хектари земјиште, треба да го искористиме, се надоврза на муабетот отец Арсениј, кој е главниот координатор на целиот проект. Иако престојува во манастирот кај Ново Село, тој често доаѓа тука.
Штитениците одвај чекаат да бидат корисни и да почнат со работа. Мотивирани се и поради тоа што ќе успеат драстично да ја намалат сегашната давачка од 200 евра месечно. Струмичката епархија, која ги покрива сите други трошоци преку својот управител, владиката г. Наум, разговарала со надлежните министри за да се најде модул како и државата да партиципира за да може престојот тука да стане бесплатен и така поприфатлив за сите заинтересирани.
- Ќе има многу повеќе такви како мене. Никој досега не направил вакво нешто за мене - ни рече 32-годишната Б.С., која пристигна од забар. Ги поправа предните заби, кои и се многу оштетени како последица од долгогодишното дрогирање. До стоматологот и назад во заедницата ја однел оператор со службеното возило. Така и' помага, но и спречува евентуално нејзино посегање по дрога.
Си заминуваме, им почнуваат часовите за разговор со психолозите. На испраќање ни довикнаа дека се подготвени да примат и зависници од коцкање и ни го покажаа мотото на заедницата напишано на табла: „Не е можно да не паднеш, но можно и нужно е повторно да се дигнеш“.
Во Бигорски и по пожарот има згрижено зависници
Катастрофалниот пожар и изгорените конаци во манастирот „Св. Јован Бигорски“ не се причина дваесетината зависници од дрога и алкохолизам да си заминат од храмот. Тамошниот игумен се обидел и успеал за сите нив да најде соодветно сместување и никој не ја напуштил заедницата.
Инаку, овој манастир почнал со давање помош на зависници веднаш по возобновувањето на монашкиот живот во 1996 година. На почетокот тоа биле мали групи, но од 2002 година во манастирот има континуирано група од минимум 15 до максимум 25 штитеници, кои сакаат да се ослободат од зависностите.
- Им помагаме да си помогнат себеси. Најтешко им е при апстиненцијалната криза, но ние, монасите, со разговори и упорност им го ублажуваме тој период. Потоа е полесно и им даваме и задачи што треба да ги извршуваат - ни објасни отец Доситеј од манастирот „Св. Јован Бигорски“.
Штитениците во манастирот остануваат минимум три месеци, а некои и до една година. Ги има од сите краеви на Македонија, но пред се' од Прилеп, Битола, Скопје и од Куманово.
Струмичката епархија 13 години во борба против дрогата
Струмичката епархија со давање помош на зависниците започнала уште од 1997 година, кога многу млади биле прифатени во манастирите со цел да се оддалечат од дрогата. Согледувајќи го растот на проблемот во 1999 година, заедно со невладината организација „Избор“ направиле повеќе проекти во тој правец, од кој најзначаен е формирањето во 2001 година на дневен центар за лекување на зависниците. Тој се' уште функционира и предаден им е на надлежните државни институции. Иницијативата и првите средства за тераписката заедница се повторно од Епархијата, а потпомогната е од Швајцарската агенција за развој, Општината Струмица и АД „Нипром“. Засилената активност на Струмичката епархија е поради фактот дека во овој регион има регистрирано 500 наркозависници.
Македонија има 9.000 евидентирани наркоуживатели
Во Македонија во 2009 година официјално се евидентирани над 9.000 уживатели на дрога. Во статистиката на МВР стои дека две третини од овие лица се на возраст меѓу 15 и 30 години. Најмладиот регистриран наркозависник има само 13 години. Наглиот раст на корисници на дрога го покажува и податокот од 1990 година, кога кај нас имало само 337 лица во полициската евиденција.
Во периодот од 1997 до 2008 година од предозираност починале 214 млади зависници од дрога. Над 900 корисници на дрога МВР ги има регистрирано и како дилери, односно препродавачи на разни опојни средства.
Антонио Спасев<---изворhttp://www.dnevnik.com.mk/?ItemID=919F2BCDF0B9E14FB2D98D9E9E7B5BD6