Не би се омажила со фанатик, бил Муслиман, бил Христијанин.
Не знам што вели Библијата на темата и не сум компетентна да одговорам на она што е корен на прашањето, ама со оглед на тоа што еден куп на претходниве страници имаа пишано исто толку лаички постови колку мене - си ја земам слободата да пишам мислење.
Во моето семејство Христијанството е дел од традицијата, пренесувано од колено на колено. Немам вистински „хаце“ верници околу мене, ама никогаш не станало ни прашање дали веруваме во постоењето на Бог. Како и поголемиот број од христијанските семејства, не сме пратиканти, но ги почитуваме обичаите.
Живеам во странство и се дружам со еден куп луѓе од различни религии. Во друштво имаме двајца муслимани кои не се нешто особено силни верници, ама внимаваат да не јадат свинско, па кога правиме собиранки - купуваме храна која е халал. И тоа не ми е воопшто проблем, да го почитувам нивниот избор. Едниот од двајцата е во врска со Католиќиња и имаме разговарано на темата “живот меѓу партнери од различни вери“. Муабетот го иницирав јас, водена од јасниот став кај нас - дека „ќе не забулат ако се омажиме со Албанец“, ама сфатив дека на останатите на масата не им е јасно околу што се крева галама. Двајцава, сметаа дека ако останат заедно ќе прават компромиси, што верувам дека не би било тешко, ако се земе во предвид дека ни едниот од нив не е силен верник кој животот го обликува по некаков религиозен образец.
Не би се омажила со фанатик зошто мислам дека таа заедница не би функционирала - не поради него колку поради мене. Не можам да замислам да живеам со некој кој би бил несреќен (велам несреќен зошто знам дека не би прифатила да го правам она кое го бара од мене), затоа што нема да се облакувам како што сака тој, нема да јадам/нејадам според неговите верувања, нема да се откажам од тоа што ми е замисла за воспитување на децата - а не е во склоп на ниедно религиозно учење. Истиот хендикеп би бил со било кој „вистиснки“ верник, од било која религија.