Грците ги „боцка“ сонцето од амблемот на РК Жито Прилеп
Пред вчерашниот старт на женскиот ракометен турнир од Челенџ-купот во Прилеп, грчкиот клуб Мегас Александрос предизвика своевиден скандал. На техничкиот состанок побара да се повлече амблемот на домаќинот, Жито Прилеп, оти содржи шеснаесеткрако сонце. Нашите не попуштаа, па делегатот Штефан Југ од Словенија имаше консултации со ЕХФ. Оттаму беа категорични - амблемот не е државен, туку клупски. Жито Прилеп има право да го употребува.
- Никој нема да ни кажува како треба да изгледа нашиот амблем, преземен од спонзорот. Сонцето не е сопственост на Грците. Смислуваат провокации, но не доаѓа предвид да попуштиме - категоричен е Оливер Деркоски, претседател на прилепскиот клуб.
Прилепчаните во ниеден момент не беа подготвени за попуштање. Сметаат дека во прашање е достоинството. Грците мешаат политика каде што најмалку треба, во спортот, сметаат во прилепскиот клуб.
- Не ни треба никаков Челенџ-куп, ако сме понижени. Ако случајно ни наложеа да го повлечеме амблемот, ќе го откажевме турнирот без размислување. Останатите екипи, украинската Днепрајанка и ирската Астра немо ги следеа расправиите. Без коментар беа судијките од Полска и од Турција, супервизорот од Австрија. Само креваа раменици, не знаеја во што е проблемот. Сите се чудеа на овие бесмислици. Дојдоа за ракомет, слушаа политика. Нам ни останува да се свртиме кон играта. Вечерва, на терен, со поддршка од публиката ќе се покажеме - истакнува Деркоски. Вечерва (18 ч.) треба да се игра мечот на Жито Прилеп со Гркинките во салата „Македонија“, ако гостите воопшто останат.
До вчера доцна попладне не се знаеше дали грчкиот клуб воопшто ќе настапи на турнирот. затоа што оттаму се заканија дека во знак на протест ќе заминат од Прилеп.