Балканските земји си најдоа и друг начин за зајакнување на економиите.......за „жал’’ Бугарија тука не фигурира!
Влегување во jугосферата
Поранешна Југославија се "закрпува": Борис Тадиќ и Стипе Месиќ сега подобро се разбираат
Врските меѓу компаниите и поединците од поранешна Југославија тивко се обновуваат
На неодамнешен самит за остатоците од Студената војна, наречен Движење на неврзаните, српскиот претседател Борис Тадиќ забележа дека компаниите од поранешните југословенски републики треба да ги здружат силите за да конкурираат на градежни проекти или договори за специјализирана воена опрема. Неговиот хрватски колега Стипе Месиќ одговори одобрувачки. Компаниите од „нашите земји“, рече тој, се премногу мали за да конкурираат сами на други пазари.
Очигледно, коментарите беа и јасни и неважни. Фирмите, навистина, се мали според глобалните стандарди. Сепак, употребата на терминот „нашите земји“ од лидерот на една поранешна југословенска република, што се однесува на сите во групата, како на непријатели така и на пријатели, укажува на една поголема промена. Од Словенија до македонската граница со Грција, повеќето луѓе во регионот се' уште имаат многу заеднички нешта, дури и ако не зборуваат многу за тоа. Секој ден врските меѓу нив, прекинати во 90-тите години, тивко се обновуваат. Југославија одамна ја нема; на нејзино место се јавува Југосфера.
Таа огромна промена во секојдневниот живот на Западен Балкан се случува без фанфари. Малку луѓе ја забележале. Оние во сферата ја сметаат здраво за готово. Оние надвор од неа безгрижно ја игнорираат. Можеби тоа не е изненадување. Добрите вести не се никакви вести: подготвителниот состанок за формирање противпожарен центар за Југоисточна Европа, како дел од Советот за регионална соработка, едвај вреди да се спомене дури и во Сараево (каде што се одржа), а не пак на некое друго место.
Сепак, токму фактот дека војниците кои не толку одамна се бореа еден против друг сега заедно вежбаат, или дека пожарникарите соработуваат на рутинска основа, или дека сите - од ветеринари до централни банкари се состануваат со речиси здодевна редовност, ги сочинува добрите вести. Советот за регионална соработка во Сараево трпеливо „копаше“ низ многу здодевна, непотребна работа. Тоа е процес, не настан.
Југосферата има свои корени во заедничкото искуство, во трговијата и бизнисот. Повеќето поранешни Југословени - Босанци, Срби, Црногорци и Хрвати - го зборуваат истиот јазик со мали варијации. Многу Македонци и Словенци се' уште го зборуваат или го разбираат она што се нарекуваше српско-хрватски јазик како втор јазик. Во поголем дел од регионот, луѓето можат слободно да патуваат користејќи ги само нивните лични карти. Ним им се допаѓа истата музика и истата храна.
Секако, постојат политички, верски и етнички разлики. Но, секое лето илјадници млади луѓе се собираат заедно на музичкиот фестивал „Егзит“ во Нови Сад, Србија, а големи ѕвезди од регионот без проблем собираат публика каде и да настапат. На голема иритираност кај хрватските музички претставници, мобилните телефони на многу млади Хрвати ѕвонат со најновите српски мелодии. Панбалканските анкети за јавното мислење покажуваат одредено заедништво во изгледот: луѓето имаат слични стравувања, грижи и надежи. Галуповиот „Балкан монитор“, на пример, објави анкета во јули која покажа намалување на бројот на оние што сакаат да имигрираат во некоја земја на Западен Балкан.
Речиси една третина од трговијата на Црна Гора се одвива со Србија. Босна е најголемиот извозен пазар на Србија, а Хрватска вториот најголем пазар. Србија е најголемиот трговски партнер на Македонија. Кај малите економии, проширувањето генерално значи повеќе бизнис со соседите. „Делта“ од Србија, „Меркатор“ од Словенија и „Конзум“ од Хрватска имаат супермаркети и меѓусебно отвораат нови продавници во нивните простори. Како и повеќето компании од поранешна Југославија, тие го третираат регионот како еден. Српскиот водечки дневен весник „Политика“ има домашно издание и малку поразлично „екс ју“ издание. Во типичен српски наслов неодамна беше најавено планираното „освојување“ на Хрватска, не со вооружени сили, туку со српското чоколадо „ципирипи“.
Некои луѓе отсекогаш знаеја дека ќе биде така. За време на најтешките денови од југословенските војни, криминалците тргуваа со секакви производи, од оружје до цигари, преку линиите на фронтот. Познатата турбофолк-музика беше популарна насекаде, дури и со чести националистички конотации. Сега сите ги стигнуваат криминалците и нивните придружнички кои пеат турбофолк. Најголемиот притисок на Србија за Хрватска денес нема никаква врска со територијата или бегалците, туку неформалните бариери за кои, велат тие, повеќе им олеснуваат на хрватските компании да работат во Србија отколку обратно. Хрватите се со студен израз ако ги прашате за Југосферата. Но, не бидејќи тие не го сакаат тоа. Нив, едноставно, не им се допаѓа името, бидејќи ги потсетува на државата од која се отцепија. На никој друг се чини дека не им пречи тоа. Дури и Албанците од поранешна Југославија, кои живеат главно на Косово и во Македонија (и кои се чудни во многу нешта), не се исклучени од влијанието на Југосферата. Рекламен агент од Албанија вели дека никогаш не може успешно да го продава италијанското млеко во Косово, бидејќи за Косовците словенечкото млеко е златен стандард.
Во секојдневниот живот, се разбира, многу луѓе живеат среќно во повеќе од една сфера. Косовците гледаат телевизија на албански, но влегуваат во Југосферата кога тргуваат со Србија или одат на одмор во Црна Гора. Босанците од сите видови ги јадат истите работи и соработуваат во многу бизниси. Но, фудбалот носи разлика, како и во многу земји. Босанските Срби го поддржуваат националниот фудбалски тим на Србија, босанските Хрвати на Хрватска, а единствено Бошњаците (босански Муслимани) ја поддржуваат Босна.
Трикот во следните неколку години ќе биде да се консолидира она што е заедничко за луѓето, да ги одржат нивните влади фокусирани на тоа, и да се обидат повеќе да ги приближат политиката и бизнисот од регионот и низ Југосферата и, идеално, со преостанатиот дел од Европа. Европската унија беше основана да се цементира мирот на континентот, а во Југосферата таа задача се' уште не е завршена. (Економист)
http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=EB617BF630ECA942B241915E34BFBC93