http://www.dnevnik.com.mk/?ItemID=AB60DAEFECE8FE4EA8D3B2FD3386ACC3
Буџетот скратен за 80 милиони евра
Експертите не се согласуваат со мислењето на Ставрески дека ребалансот на буџетот отвара можност да се намалат банкарските камати. Пречка за тоа се фиксниот курс на денарот, кој се' повеќе тоне, и домашните економски проблеми
Предложениот ребаланс со кој се кратат околу 80 милиони евра од буџетот е доволен за да се намалат каматите, сугерираше вчера министерот за финансии Зоран Ставрески на Народната банка. Според него, предложеното кратење на буџетот е доволно само без финансиска поддршка од Меѓународниот монетарен фонд да се извлечеме од кризата. Ставрески убедува дека парите од втората еврообврзница се доволни за да се затвори дупката што во буџетот ја отвори глобалната економска криза.
Според економските аналитичари, 175-те милиони евра од еврообврзницата нема да бидат доволни да не' спасат од глобалната криза, а состојбата е толку очајна што Владата и понатаму ќе крати од девизните резерви за да го покрие кусокот во државната каса.
- Се прави сериозно приспособување на расходите за да се приспособи трошењето на државата, на јавниот сектор во целина и на она што се случува во реалната економија. Ќе се заштеди во сите категории кај расходите, а најмногу кај помалку продуктивните ставки и проекти и тие што го поттикнуваат увозот. На овој начин ќе се одржи макроекономската стабилност и нема да расте дефицитот во платниот биланс. Ќе настојуваме да ја задржиме динамиката на проектите што се значајни за економската активност - рече Ставрески.
Според министерот за финансии, во буџетот ќе се заштеди со тоа што Владата ќе се откаже од покачувањето на платите на административците, ќе стави мораториум на нови вработувања, на изградбата на музејот на ВМРО и на жичницата на Водно, а набавката на автобусите за Скопје се одложува за в година. Од истите проекти Владата се откажа и во првиот ребаланс.
Трошоците за плати ќе се намалат за 11 милиони евра, расходите за дневници и службени патувања ќе се скастрат за 50 проценти, а капиталните расходи за 18 отсто. Владата нема да чепка во социјалните трансфери и гарантира редовна исплатата на пензиите и на другите социјални надоместоци.
Според економскиот аналитичар Ден Дончев, тоа не е доволно.
- Ребалансот е добар, но задоцнет чекор. Кратењата се неопходни, но недоволни. Тоа што Владата испланирала целиот дефицит да го покрие од парите од еврообврзницата практично е признавање дека економијата ни е толку очајна што и понатаму ќе се трошат девизните резерви - смета Дончев.
Тој смета дека владиниот план за справување со кризата е неостварлив бидејќи се нереални клучните параметри врз кои го скроила планот, пад на економијата од 0,6 отсто и самостојно финансирање на дефицитот.
Ставрески вчера тврдеше дека во економијата се појавиле првите сигнали за заздравување. Во преработувачката дејност велат дека партнерите од Европската Унија уште не прават никакви нарачки кај нив. За да заживее стопанството, неопходен е прилив на капитал. Него го блокираат високите каматни стапки. Ставрески вчера тврдеше дека со тоа што Владата веќе нема многу да се позајмува дома и го намалила буџетот, отворила простор за Народната банка да ја олабави монетарната политика. Дончев тврди дека тоа нема да се случи поради фиксниот курс на домашната валута, која се повеќе тоне под притисокот на меѓународниот пазар, и домашните економски проблеми.
------------------------------------------------------------------------
Дали се овие нормални уште ли ќе ги делкаат девизните резерви
а бе да му се плукнам до кога бе?:uvo: