Социјални проблеми
Батлер во писмото до своите колеги потсетува дека едно од предизборните ветувања на Владата било дека ќе се обиде да го убеди ММФ да прифати Закон за загубарите, со кој вработените во овие компании кои имаат над 55 години старост и над 25 години стаж ќе добијат право на целосна пензија.
"Според постојниот закон, возраста за пензионирање е 64 години за мажи и 62 за жени, мажите мора да имаат 40 години стаж, а жените 38 години стаж. Ноемвриската мисија на ММФ остро се спротивстави на оваа идеја, а Владата успеа да ги смири синдикатите до втората мисија на ММФ", се вели во дописот.
Владата се согласи на еуфемистички наречениот "Бранков закон", што нуди иницијативи за да ги поттикне компаниите да вработат невработени лица.
ММФ смета дека овој закон е лош, бидејќи не е јасно какви нето-ефекти ќе има врз вработеноста. Освен кај компаниите што растат и им се потребни нови работници за поддршка на тој раст, овој закон всушност може да предизвика претпријатијата да ги заменат постојните работници само за да заштедат 40% од трошоците за плати.
Што предвидува "Бранковиот закон"?
Ако компанијата вработи некој кој бил невработен 18 месеци или повеќе, и чија основна плата е под 8.000 денари, три месеци по вработувањето на компанијата ќе и бидат рефундирани пензиските и здравствените придонеси и персоналниот данок платен за тој работник. Програмата има горна граница од 700 милиони денари годишно, и би траела вкупно 24 месеци. Бројот на месечни придонеси исплатени на компанијата зависи од тоа колку месеци остануваат од првичниот 24-месечен период, кога работникот бил вработен.
Батлер потсетува дека СДСМ се обидел со варијанта на овој закон за време на првиот мандат, но ова се покажало како целосен неуспех. "Беа вработени 40.000 работници, кои беа отпуштени веднаш штом престанаа олеснувањата за фирмите" се вели во писмото.
Владата по којзнае кој пат се обврзала на воведување трезорски систем за контрола и наплата
За да ги "затне" дупките од кои течат пари, Владата се согласи да имплементира трезорски систем. Според постојниот систем, не постои контрола врз обврските на министерствата, ниту врз начинот на кој всушност се трошат буџетските средства.
"Трезорскиот систем, кој под својот домен ќе ги стави сите јавни фондови, ќе подразбира Министерството за финансии (МФ) да ги одобри сите трошоци".
Наплатата на даноците, особено од фирмите и персоналниот данок, исто така беше проблем, како и доцнењето во наплатата на ДДВ. Минатата година, Министерството за финансии ги задолжи сите претпријатија да инсталираат фискални машини што во нивните интерни мемории ќе зачуваат петгодишна историја на сите трансакции и ќе им овозможат на даночните инспектори да спроведуваат периодични ревизии. Досега, помалку од 10% од сите претпријатија ги имаат инсталирано овие машини.
Еве на кои следни реформи се согласила Владата на Бранко Црвенковски при договарањето на стенд-бај аранжманот со ММФ:
Прво, банките ќе можат да одобруваат кредити во странска валута. Овој потег може да ги намали каматните стапки за кредитите, притоа зголемувајќи ги каматите кај депозитите
Второ, Македонската банка за поддршка на развојот ќе биде преструктуирана за да се фокусира врз промоција на извозот и гаранции за извозните операции.
Трето, триесет фирми-загубари ќе бидат решени до крајот на 2003, што ќе овозможи да се добие последната транша на ФЕСАЛ 2.
Четврто, ќе биде создаден гарантен фонд за мали и средни претпријатија, финансиран преку донаторска помош.
Петто, целокупната активност за поддршка на малите и средните претпријатија треба институционално да се поедностави, и треба да биде раководена од професионалци и банкари, а не од Министерството за економија.
Шесто, пазарот на труд ќе стане пофлексибилен преку намалување на надоместоците за невработените од 18 на 14 месеци, како и сведување на платите за принудно заминување во пензија на еден месец плата за секои три години стаж, наместо досегашните две години.
"ММФ и Владата се согласија дека законите за децентрализација треба да се усвојат до крајот на 2003, и дека новата територијална поделба ќе се одвива паралелно со фискалната децентрализација. Фискалната децентрализација што вклучува директни приходи како данокот на имот и дозволите треба да се одвива брзо, додека за другите приходи ќе биде потребно подолго време за одлука", се вели во писмото на Батлер до Пауел.