Едиторијал
Малку усул
Новата претседателска резиденција, вилата „Водно“, е рај на земјата. Место каде што не допира никаква криза, па нека е и светска. Замислете, си седите во кожената гарнитура, си пиете вино од скапите цирконски чаши, ручате од ХАЦЦП-кујна и си ги одморате очите од зеленилото во градината наводнувано од прскалки што чинат 40.000 евра. И додека економијата ни виси, вам друштво ви прави висечки рузмарин. Додека невработеноста ни достига рекордни височини, баш обратно од ситуацијата во Јапонија, на пример, вие си уживате покрај бонсаи паркчето и јапонските црвени јавори... Идеално опкружување за да се одржува контакт со реалноста. Само некоја друга реалност, не македонската.
За изградбата на вилата се потрошени над пет милиони евра, плус за опремување уште најмалку 600.000 евра буџетски пари. Точно е дека се работи за претседател на држава и дека вилата треба да биде претставителна, па дури и да биде луксузно опремена. Велат, вилата се опремува еднаш и тоа ќе трае. Точно, но исто така е точно дека во време на криза треба да се има барем малку усул. Ако луксузен ресторан за триста гости има ХАЦЦП-кујна од 30.000 евра, нема ниту една причина таа во резиденцијата да биде пет пати поскапа! Станува збор за тоа колку плаќа Владата, односно граѓаните преку даноците, за луксузот на претседателот. На сегашниот, на идниот, на тој по него... Не е важно. Важно е дали постои одговорност кога се трошат туѓи пари или не постои. А тоа граѓаните можат сами да си го заклучат кога ќе слушнат колкави суми се потрошени за градината, за мебелот, за кујната...
Набавките за претседателската вила ги вршела Службата за општи и заеднички работи на Владата преку јавен оглас. Таа служба постои откога постои власта во Македонија. Кога ќе се прочита внимателно, самото име на оваа служба е сковано така што ќе може да се користи за речиси секоја потреба. Општа служба за заедничките работи. А досегашните искуства покажуваат оти најточното име веројатно треба да биде Општа служба за јавно перење заеднички пари. Затоа, во случајот со претседателската палата, вината најмалку треба да се бара кај претседателот Ѓорге Иванов. Сигурно дека тој самиот не сурфал по интернет и нарачувал ваква или таква прскалка за дворот. За сето тоа постои процедура што ја контролира владината служба, која секогаш со парите имала добра дружба. Тоа што може да го направи Иванов е како прв станар на луксузната вила јавно да повика на повеќе скромност и прибраност на владините институции што се расфрлаат со народните пари.
Горан Ризаов