Укинување на партиципацијата за студирање во државна квота, слобода на говор, подобри услови во студентските домови, бесплатни учебници, промени во раководството на СПУКМ... Ова се само дел од барањата за кои денес протестираа македонските студенти.

Околу 200 студенти со пароли и скандирања ги бараа своите права во дворот на универзитетскиот кампус „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, но и во холовите на Филозофскиот, Правниот и Економскиот факултет. Поголемиот дел од студентите кои беа таму само гледаа сеир, а дел се придружија во протестите.

„Образованието не е бизнис“, „Зачекори сега со нас, за утре да не стоиш сам“, „1 бубрег = 1 семестар“, „Не за политика во образованието“ беа само дел од паролите на денешниот протест.

Организаторите најавуваат помасовни протести на почетокот на наредната академска година.

Клик тука за комплетна фото сторија.
======================================================
ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ стои зад протестот на студентите

Зад денешниот протест на студентите стојат структурите на СДСМ, обвини денеска владејачката партија, Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека на протестот пред Ректоратот на Универзитететот “Св. Кирил и Методиј“ и во фоајето на Филозофскиот и Правниот факултет, можело јасно да се забележи истакнување на партиски знамиња од Социјалдемократскиот сојуз.
“Ова е недозволиво. Студентите се младата сила и иднина на оваа држава. Нивната злоупотреба од СДСМ за партиски цели значи нарушување на нивниот углед и интелектуален капацитет. Овие протести не се во правец на унапредување на студентскиот стандарт туку само обид истиот дискредитира и злоупотреби за партиски цели Ваквите протести со партиска позадина треба под итно да престанат“, изјави Сашо Стефановцски, претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ, додаде тој, повторно се користи со старите принципи на функционирање и денес уште еднаш го демонстрира искривеното сфаќање на демократските принципи и вредности.
========================================================
Реакција на СДСМ за обвинувањата дека се поврзани со студентскиот протест
СДСМ се огради од студентските протести, одговарајќи на обвинувањата на ВМРО=ДПМНЕ дека тие се организатори на денешниот протест
“Ако се прашува ВМРО ДПМНЕ тогаш сигурно СДСМ е виновен и за изчезнувањето на нивниот пратеник Илија Димовски во Берлин.
Откаде денес на студентски протест наводно се појавиле партиски знамиња, знае претседателот на Студентскиот Парламент, Самоил Малчевски, пулен и донатор на кампањи на ВМРО ДПМНЕ.
Наместо да се служат со гнасни конструкции и наместо да глумат загриженост за младите, Унијата на млади сили на ВМРО ДПМНЕ, требаше да реагира кога се тепаа жени, деца и студенти на плоштадот во Скопје, кога нивни пратеници на интернет промовираа фашизам и повикуваа на насилство и кога под нивните знамиња се сликаа самонаречени студентски лидери со пиштоли и маски“, се вели во соопштението, што го испрати СДСМ до редакциите, како реакција на денешната прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ.
=========================================================