http://www.vecer.com.mk/default.asp?ItemID=78027A49382B5C4FBFC6A9F8AD01A0F8
Во Пацификот плови "осмиот континент"
Научниците ќе се обидат да го соберат и рециклираат тепихот од пластичен смет, голем барем колку две Франции, кој плови по Тихиот Океан
Група на морнари, научници и вљубеници во океаните ќе запловат ова лето кон средиштето на Пацификот за да проучат на кој начин би можело да се совлада најголемата грдотија - тепихот од смет голем колку две Франции, кој плови некаде на средината меѓу Јапонија и Западниот брег на САД, во близина на Хаваите. Првата истражувачка мисија во рамките на "Проектот Каисеи" треба да утврди што се е потребно за потфат што не се спровел во такви услови: во северниот тихоокеански вител што, поради силните морски струи поморците главно го одбегнуваат. Првата фаза опфаќа две "чешлања" со цел од океанот да се извадат 40 тони пластичен отпад и експериментално да се рециклира во дизел гориво. Пливачкиот тепих од смет го откри американскиот капетан Чарлс Мур, кога во 1997 година залутал во северноапцифичкиот вител, а потоа ден по ден пловел низ масата од пластични чепови, кеси и други парчиња од пластика, прашувајќи се каде му е крајот на тоа неочекувано "морско чудовиште". Слушајќи ги приказните за островот од пластика, луѓето најпрво мислеле дека станува збор за вистински остров. Но, тој повеќе личи на "чорба" од ситни парчиња пластика, кои сочинуваат два дела, по еден од двете страни на Хавајскиот архипелаг. Океанографот Кертис Ебесмаер 15 години го следел натрупувањето на пластика во морињата и вели дека тој вител бил како живо битие, налик на опасен ѕвер кој се движи и постојано расте.
Под дејството на сонцето и брановите, пластиката се распаѓа во ситни парчиња. Светликавите фрагменти кои пливаат под површината на водата не се видливи од далечина, ни за бродовите ниту за сателитите, така што единствено само од непосредна близина може да се испита овој пластичен континент кој, според некои проценки е голем колку две Франции, а според други - дури и колку две територии на САД! Штетата што би можела да биде предизвикана е огромна. Не само за живиот свет во морињата, туку и за луѓето, затоа што и тие ги консумираат токсините преку синџирот на исхрана. Екипата од 30 членови, предводена од Даг Вудринг, ќе се обиде да докаже дека нешто, сепак, може да се преземе. Со помош на беспилотно летало и робот за испитување на површините на океаните, ќе се обидат да дознаат колку е дебел тој тепих од смет. Организатор е непрофитната организација Оушан Војиџис Институт, а проектот собра океанографи и ентузијасти од Сан Франциско, Лондон и Хонгконг. Постојат одлични услови да се "смете" пластиката и во Јужниот Пацифик, Индискиот Океан и во северниот и јужен Атлантик. Ако оваа мисија се покаже за успешна, може да се очекува дека од следната година во чистењето на океаните да тргне цела флота, пишува српска "Политика", повикувајќи се на "Тајмс". "Крајното решение на проблемот, сепак, е на континентот. Потрошувачкото општество мора да оневозможи пластиката да стигне до океаните", заклучува Вудринг.
Пластичниот отпад го убива животот!
Според податоците на Програмата на ОН за животна средина која ја поддржа оваа мисија, пластичниот отпад годишно предизвикува смрт на повеќе од милион морски птици и на преку сто илјади морски цицачи, во чии стомаци се наоѓани шприцеви, запалки, четкички за заби... Проценка е дека во секој квадратен километар од морето има 18.000 парчиња пластика, што вкупно изнесува над сто милиони тони, а најголемата концентрација е токму во севернопацифистичкиот вител. Само една петтина од океанскиот отпад, во кој пластиката учествува над 90 отсто, е исфрлена од бродови, а се друго доаѓа од копно.
А планетава ја заслужуваме ли
ја напраивме отпад ... па и ние со неа
