Сексуална ориентација (полова насоченост). Подразбира емоционална, романтична, сексуална и емотивна привлечност на едно лице кон друго. Постојат три вида на сексуална ориентација: хетеросексуална, кога мажот го привлекуваат само жени, а жените само мажи; хомосексуална, кога мажот го привлекуваат само мажи, а жените само жени; и бисексуална, кога мажот го привлекуваат и жени и мажи, односо жената ја привлекуваат и мажи и жени. Одредувањето на сексуалната ориентација е во тесна врска со биолошката категорија пол. Полот претставува збир од телесни (биолошки, физички) карактеристики кои не` определуваат како природно родени машки или женски луѓе (она што кај животните се нарекува мажјак и женка). Најмеродавни карактеристики за одредување на нечиј пол се репродуктивните органи, но и хромозомите и хормоните, како и секундарни полови ознаки: големината на градите, обликот на колковите, бојата на гласот, влакнетоста на телото. Сексуална определба, сексуална преференеција се други изрази кои го означуваат истото, но нивната употреба е непримерна, зашто и едното и другото укажува на можноста за избор. Но, сексуалната ориентација не е нешто што човекот може да го избере или не, напротив, луѓето се раѓаат како такви. Единствено што може луѓето со нехетеросексуална ориентација да изберат е дали ќе бидат искрени кон себеси и другите во врска со тоа нивно лично чувство, и, ако евентуално си признаат себеси дека се такви, дали ќе живеат во согласност со таквата сексуална ориентација, или пак постојано ќе ја потиснуваат.
Родов идентитет подразбира сопствено поединечно и лично чувсто на поединцеот за тоа дали се препознава себе си како маж или како жена. Родовиот идентитет е во тесна врска со општествената категорија род. Родот претставува збир од сите оние општествено одредени улоги кои од најмала возраст им се наметнуваат на машките и женските деца со цел да израснат соодветно во мажи (да носат пантолони, да не си го разубавуваат телото, да бидат агресивни, доминантни, да ги потиснуваат сопствените чувства, да работат физичка работа, финансиски да го осигуруваат семејството, да се политчки ангажирани, и сл.) или жени (да носат фустани, да си го разубавуваат телото, да бидат нежни, пасивни, чувствителни, да работат лесна работа, или, уште подобро, да седат дома, да чуваат деца и да готват, да не се интересираат за државнички и други управителни работи и сл).
Родово изразување е надворешно покажување (манифестирање) на одредена родова улога – токму на тој начин дали ќе носиме пантолони или фустан, дали ќе бидеме чувствителни или не, каква боја на гласот ќе користиме/подражаваме и сл.
ЛГБТ (анг. Lesbian, Gay, Bisexual and Transgender, Лезбејки, гееви, бисексуалци и трансродови луѓе) е ознака со која граѓанските здруженија се обидуваат да ги опфатат сите категории на нехетеросексуалност. Овдека се опфатени две категории според сексуалната ориентација: хомосексуалните машки и женски лица (гееви и лезбејки) и бисексуалните машки и женски лица, како и една родова категорија – трансродови луѓе.
Трансродови луѓе се оние чијшто родов идентитет или родово изразување коренито се разликува од традиционално одредените и прифатени норми. Тука спаѓаат трансвеститите (исто и травестити), коишто претпочитаат повремено или постојано да се облекуваат во облеката на спротивниот род (и коишто не мора здраво за готово да се хомо/бисексуално ориентирани!), како и транссексуалци, лица кои по пат на хормонални терапии и хируршки зафати го менуваат својот природен пол, со цел и општествено да се вклопат во посакуваниот род.
Лезбејки се жени коишто чувствуваат емоционална, романтична, сексуална и емотивна привлечност само кон други жени.
Геј (анг. gay, мн. гееви или повторно геј, придавка геевски или повторно геј) се мажи коишто чувствуваат емоционална, романтична, сексуална и емотивна привлечност само кон други мажи, т.е. луѓе што традиционално се нарекуваат хомосексуалци. Во поново време самата ЛГБТ заедница ја наметнува употребата на геј како единствена ознака за сите облици на нехетеросексуална ориентација, т.е. геј се јавува како сеопфатна замена за кратенката ЛГБТ. ЛГБТ во современи услови претежно го користат граѓанските здруженија, особено во контекст на борбата за права на овие луѓе, додека пак геј повеќе се користи за изразување на социјалните аспекти од животот на овие луѓе: геј живот, геј начин на живеење, геј заедница, геј клубови, геј (суб)култура. Слично на ова, и зборовите хомосексуалец и хомосексуалност се` повеќе се користат за означување на сите облици на нехетеросексуална ориентација. Често, за да се потенцира дека зборот геј е употребен со значење на хомосексуален маж, а не сите ЛГБТ лица, се користи изразот геј маж.
Бисексуалци/ки се лица кои чувствуваат емоционална, романтична, сексуална и емотивна привлечност кон лица и од сопствениот и од спротивниот пол.
ЛГБТИКу (анг. LGBTIQ) е кратенка која се` почесто се користи во последно време за да може да опфати уште две дополнителни категории на луѓе: интерсексуалци/ки (intersexuals) и квиер (queer) луѓе.
Интерсексуалци/ки (интерполови луѓе) се лица кои природно се раѓаат со биолошки / физички одлики и на машкиот и на женскиот пол (поточно, со неодредени гениталии). Во вакви случаи родителите бараат со хируршка интервенција да се отстранат едните генитални одлики, а другите да се остават, и со тоа по сопствена волја и избор го одредуваат биолошкиот пол на утре возрасната личност, која не мора нужно да се вклопи во родовиот идентитет што родителите му го наметнале. Уште пострашно е кога хирурзите самоволно, дури и без знаење на родителите, вршат хируршки интервенции врз интерсексуално родено бебе, со цел да му го „доодредат“ полот. По правило се избира отстранување на машките генитални одлики и оставање на женските, како поедноставен и посигурен хируршки зафат. Вакви интервенции кои нема нужно да се поклопат со идентитетот што самото лице ќе го развие во својот живот, може да доведат до емоционални трауми, губење на сексуалното чувство и неспосбност за оргазам. Вообичаено е интерсекуалноста да се смета за родова категорија, а не категорија на сексуална ориентација. Интерсексуалните луѓе не треба да се поистоветуваат со андрогините луѓе (она што традиционално се нарекува хермафродити), коишто според надворешниот изглед или пак според сопствената идентификација, не се приклонуваат ниту кон машкиот ниту кон жескиот род, т.е. родово се изјаснуваат и како мажи и како жени, или пак родово се изразуваат неутрално.
Квиер (анг. Queer, првенствено значење чуден, порано користен во смисла на денешното gay). Денеска се користи за оние ЛГБТ луѓе кои имаат повеќе филозофски пристап кон сопствената сексуална ориентација. Одбегнуваат својата сексуална ориентација и/или родов идентитет да ги толкуваат низ призмата на биолошки одлики или општествени норми, одбиваат да се идентификуваат како геј, лезбејки, бисексуалци, трансродови и сл. Својата посебност во однос на мнозинството ја објаснуваат едноставно преку правото на секоја личност да биде индивидуа, право на самосоздавање на сопствената сексуалност и родност, право на постојано сопствено одредување и преобразба, дури и, во крајна линија, право на не-идентитет.
МСМ (анг. Men who have Sex with Men, Мажи кои имаат секс со мажи). Со овој термин се означуваат сите мажи што повремено, зачестено или исклучиво имаат сексуални односи со мажи, без оглед на тоа каква е нивната сексуална ориентација (хомосексуална или бисексуална). Овој термин првенствено се однесува на оние луѓе со хомосексуална или бисексуална ориентација кои не сакаат да прифатат дека според своето сексуално поведение се токму хомосексуалци или бисексуалци. Тие наоѓаат оправдување за таквото нивно однесувње: од љубопитство, за пари, биле приниудени, силувани, долго време биле само во машко друштво (во затвор, војска, на воен брод)... Поради тоа одбиваат да бидат идентификувани со ЛГБТ заедницата, и, во најголем број случаи, и навистина одбиваат да станат дел од ЛГБТ заедницата (во смисла да се дружат со други ЛГБТ лица, да посетуваат ЛГБТ клубови, да се застапуваат за ЛГБТ правата и сл). Во поново време МСМ е термин којшто најмногу се користи во медицината, во обид да се спречи ширењето на ППИ, при што најбитни се фактите, дека конкретниот маж имал полов однос со друг маж (и потенцијално се изложил на ризик од ППИ), наспроти што воопшто не е битно како тој маж се идентификува себе си и од кои причини дошло до сексуален однос со друг маж (што може да се смета за чекор напред кон неосудување на истополовите односи).
Хомофобија е збир на општествени и културни предрасуди кон сексуалните ориентации и родовиот идентитет кои се разлкуваат од општествено прифатената мнозинска сексуална ориентација и родов идентитет. Овие предрасуди вообичаено се манифестираат како неразумен страв од нехетеросексуалните лица, чувство на гадење при обидот да се поима хомосексуалниот однос, нетрпеливо однесување кон нив, дури и отворени вербални и физички напади, и, во крајна линија, организирано делување против ваквите лица, во намера да се задржи криминализирањето на различната сексуална ориентација и родов идентитет, и да се оневозможи признавање на нивните права. Ваквите организирани делувања вообичаено се нарекуваат анти-геј движења. Хомофобијата може да биде индивидулна, кога станува збор за поединец со хомофобични чувства; институционализирана, кога државата е организирана така што јавните институции (управата, здравството, образованието, деловниот сектор, верските заедници...) функционираат на принцип на дискриминирање на различните сексуални ориентации и родов идентитет; и културна хомофобија, кога општеството негува такви вредности и норми според кои светот треба единствено да постои врз основа на двостраното начело машко-женско односно маж-жена, па според тоа хетеросексуалноста се признава како единствено нормална и морална сексуална ориентација.
Хомонегативност претставува потесен облик на хомофобија, или пасивен облик на хомофобија, односно ненасилен облик на хомофобија. Хомонегативноста подразбира негување на негативни, лични или општествени, ставови кон хомосексуалноста, отпор кон општествени промени кои водат кон либерализирањето на хомосексуалноста, но не нужно и нивно криминализирање, дискриминирање и сл. Напротив, хомонегативноста може да се изрази и како сочувство кон хомосексуалците, дека „не се виновни“ што природата ги создала такви, и желба да им се помогне „да се излечат“ по медицински или психијатриски пат.
Хетеросексизам, пак, е ставот, личен или општествен, според кој хетеросексуалноста е единствената легитимна човечка сексуална ориентација, при што обично со пласира изговорот дека таа е од бога дадена или природно оправдана, зашто единствено таа води кон размножување на видот. Таквото, пак, величање на хетеросексуалната ориентација, целосно го игнорира постоењето на лицата со различна сексуална ориентација, и ги негираат нивните права. Хетеросексизмот, како сопствено убедување на поединецот, кое понатаму се вградува во пошироки општествени рамки, е најосновната причина за појава на хомофобијата и хомонегативноста.
Хомосексуализам е термин кој често се користи од страна на анти-геј движеањата, во намера наставката –изам да придодаде „медицинска“ тежина кон поимот, и јасно да укаже на тоа дека хомосексуалноста е болест. Употребата на овој термин ЛГБТ лицата го доживуваат крајно навредливо.
Бифобија и трансфобија се однесува на фобија, по сите горенаведени основи и на сите горенаведени начини, конкренто кон бисексуалците или трансродовите луѓе. Но, вообичаено е поимот хомофобија да ги покрива во своето значење и бифобијата и трансфобијата.