Божјата држава во библиската земја
Билјана Ванковска
Ако ја дефинираат Македонија како несекуларна држава, барем ќе знаеме на што сме. Можеби тогаш и Иран ќе ни изгледа како секуларна држава
Една од најсериозните кризи во поновата политичка историја на Република Македонија беше поврзана со непочитување одлука на Уставниот суд (за употреба на знамињата) во 1997 година, по што следуваше бојкот, полициска акција, насилство по улиците на Гостивар и на Тетово. Повторно за Законот за употреба на знамињата, десет години подоцна, се случи уште една криза - во знак на протест, судиите-Албанци си дадоа оставка на функцијата, а партиските интелектуалци на ДУИ (тогаш во опозиција) почнаа со тиради и барање на воведување на т.н. Бадинтеров принцип во донесувањето на одлуките на судот. Во таа прилика, Теута Арифи напиша колумна полна со бисери од типот: Уставниот суд бил највисок судски орган, не давал придонес во јакнењето на меѓуетничките односи и евроатлантските интеграции. Врвот на незнаењето, да не речам глупоста, беше дека Уставниот суд (цитирам): не покажал минимум чувство на државност. Тогаш ги напишав следниве реченици: „Нивото на правна култура е извонредно ниско, застрашувачки дури... Според написите и едиторијалите во медиумите, произлегува дека Уставниот суд има смисла само ако донесува одлуки адекватни на политичкиот (и безбедносниот) миг, а и дека тие треба да се разбирливи и прифатливи за моменталното политичко мнозинство кое, наводно, единствено има монопол да дефинира што е интерес на пошироката заедница. За авторите на ваквите текстови нема никакво значење дали правните образложенија на Уставниот суд „држат“ или не, од аспект на Уставот, туку единствено од аспект на нивната опортуност.
Следејќи ги реакциите по донесувањето на последната одлука на Уставниот суд во врска со укинувањето на веронауката во училиштата, не ми останува да кажам ништо ново, освен дека правната култура или дури и елементарно знаење за институциите е катастрофално! Не само што не стануваме држава заснована на правото, туку и регресираме. Не можам сериозно да ги третирам запалените изјави или колумни на едно (не баш така младо) момче, незавршен студент по право и јуришник на владејачката партија. Но, кога неговите колумнистички бисери стануваат официјално соопштение на најмоќната партија, тоа е веќе „друг падеж“. Со својата запалена глава, тој не сфаќа дека му е доделена улога да ја извршува валканата работа во својата партија кога му е дадена „честа“ да деградира една цела институција и да зборува за „политичко-партиски мотивирани одлуки на Уставниот суд“, како и да тврди дека одлуките што ги донела Владата (а Уставниот суд ги укинал) биле уставни (сиц!). Се прашал ли некој зошто вакви чувствителни и сериозни работи (за кои не може компетентно да зборува еден Влатко Ѓорчев, па и сто пати да е пратеник во Собранието) не застапуваат отворено „тешкашите“ во ВМРО, доктори на науки и професори по право или по филозофија на правото, Поповски, Саркањац или Лазарески? Зошто го пуштаат да се истрча Влатко, а Владо (Поповски) мудро си молчи? Затоа што Владо не би си дозволил луксуз да тресе зелени, додека Влатко ја има моќта „да допре до масите“, да го разберат и да ги запали...
Секако, тука е и хајката од верските заедници кои се директно засегнати од одлуката на Уставниот суд. Не само што „во духот на верата“ фрлаат анатеми на уставните судии туку велат дека судиите не биле верски едуцирани и немале чувство за Бога!? Значи, еднаш немаа чувство за држава, а сега немаат чувство за Бога. Потоа, следува „стручното упатство“ директно од врвот на светиот архијерејски Синод, кој вели дека Уставниот суд не ја почитува волјата на мнозинството граѓани (децата и нивните родители). Кулминацијата му припаѓа веројатно на Тодор Петров, кој смета дека само добрите верници се лојални државјани (иако не сум сигурна дека тука ги вклучува и добрите муслимани, католици, итн.). Срамота е воопшто и да се пишуваат овие редови, но кога по 20 години практикување демократија, ниту Владата не ја сфатила абецедата на уставниот систем, а за пошироката јавност и да не зборувам, тогаш мораме да почнеме од она што е елементарно:
Прво, Уставниот суд НЕ Е дел на третата (судската) власт, па затоа е тотално игнорантство да се зборува и да се пишува дека тој сега, ете, носи одлуки против оваа (народна) власт, а премолчувал криминална приватизација, коруптивни случаи и слично. Уставниот суд е НЕЗАВИСНА УСТАВНА институција, која е надвор од законодавната, извршната, ама и од судската власт. Затоа, глупост е да се тврди дека е тој „највисоката судска инстанција“.
Второ, Уставниот суд НЕ СМЕЕ да води сметка за расположението на јавното мислење, за тоа што ветила Владата во својата предизборна кампања, за демократската (или конфесионалната) волја на мнозинството. Но, незавршениот студент по право тресе зелени кога вели дека судиите „сакаат континуирано да ја рушат програмата на стотици илјади луѓе“. Тој вели: „И, џабе се 63 или 80 пратеници, не вредат 55 градоначалници, не вредат 30.000 родители кои се определиле нивните деца да одат на веронаука.“ Да, Влатко! Џабе се, бидејќи за да може Уставниот суд да ја остварува својата функција, МОРА да го игнорира тоа мнозинство.
Трето, Уставниот суд единствено мора да се води од словото и од духот на Уставот и затоа е сосема логично судиите да седат во својата „кула од слонова коска“ како гаранција за недопирливост и независност. (Во јавноста се шири и една друга глупост од типот „никаде во уставниот текст не се споменува зборот секуларност, па затоа донел погрешна одлука во врска со веронауката“. Во Уставот не пишува и дека постои принцип на цивилна супрематија, ама таа е втемелена во идејата на конституционализмот и демократијата.) Можеби Влатко е познат, сме го виделе и има моќ да притиска на копчето кога се донесуваат законите во Собранието, ама нема поим од уставно право. Уставните судии и нема потреба да ги знаеме и да ги гледаме, најдобро е и воопшто да немаат многу работа, што ќе се случи само ако владејачката елита води политика во границите на правото (Уставот).
Четврто, одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни, а повиците за протести, за „барање начини да се обжали неговата одлука“ или за непочитување на неговите одлуки се многу блиску до она што се случуваше во 1997 година. Руфи Османи ја капитализираше својата маченичка улога од тоа време, но неверојатно е интересно кога владејачка партија ги урива темелите на уставноста на државата што ја води. Хипотетички, дури и Уставниот суд да донесе погрешна оцена, властите мораат да ги почитуваат правилата на игра.
Точно е дека со двотретинското мнозинство во парламентот и со волјата на сите верници, Владата може лесно да пристапи кон промена на Уставот, а со време Иванов (онака благоугоден и благословен) ќе донесе уставни судии по мерак на Груевски. Тој и онака веќе манифестира амнезија - заборави дека власта му ја дадоа граѓаните, а не Господ. Но, дотогаш барем нека се обидат да изигруваат европски политичари и демократи. Потоа, ако ја дефинираат Македонија како несекуларна држава, барем ќе знаеме на што сме и кон што се движиме: кон воспоставување божја држава во земјата библиска, нели?! Можеби тогаш и Иран ќе ни изгледа како секуларна држава.
(Авторката е универзитетски професор)
utrinski.com.mk
Ми се допајџа типкава, особено коа е во право, и критикува вечни ученици...