да не отварам нова тема , ама еве едн интересн текст од ``време``
Кој се плаши од Ѓорге Иванов? Игор Чавески
Началникот на Генералштабот на АРМ Мирослав Стојановски, гувернерот на Народна банка Петар Гошев и директорот на Агенцијата за разузнавање Виктор Димовски се луѓето што ќе стравуваат за својата позиција откако на 12 мај на функција ќе стапи новиот претседател Ѓорѓи Иванов. Според неофицијалните информации од владејачката партија која го предложи Иванов за претседател, тој сериозно размислува да го разреши од функција првиот човек на ГШ Мирослав Стојановски, со оглед на досегашната практика новиот претседател да поставува и нов човек на Генералштабот. И претседателот Црвенковски веднаш по стапувањето на функција го разреши генералот Ѓорѓи Бојаџиев. Се шпекулира дека за нов началник на ГШ би можел да биде поставен генерал Здравко Поповски, кој моментно е шеф на воениот одел од мисијата на Македонија во НАТО во Брисел или, пак, генерал мајорот Зоран Димов. Стојановски важи за човек близок до актуелниот претседател и тој неколкупати имаше несогласувања со Владата во поглед на активностите и дејствувањето на Армијата. Тој веќе го отслужува вториот мандат како началник на ГШ, така што, велат во ВМРО-ДПМНЕ, неговата смена е речиси сигурна. Неговиот мандат, инаку, трае до 2011 година. Токму владата на Никола Груевски побара тој да поднесе оставка кога хрватските медиуми го обвинија дека како офицер на ЈНА учествувал во акцијата во Вуковар. Една од надлежностите на претседателот е и именувањето на гувернерот на НБРМ. Во овој момент се чини дека фотелјата на гувернерот Гошев е сигурна судејќи според последните изјави кои доаѓаат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ дека главно се задоволни од работата на гувернерот. Освен за овие две функции, претседателот има ингеренции околу именувањето на членови на Судскиот совет и судии во Уставниот суд. Токму по предлог на Иванов треба да бидат поставени двајца судии на Уставниот суд и двајца членови на Републичкиот судски совет. Првиот човек на државата, исто така, има право да помилува затвореници и има право на помилување. Владата неколкупати досега обвини дека многу нејзини законски проекти паѓаат на Уставен суд, токму затоа што дел од уставните судии се блиски на претседателот Црвенковски, кој и ги именувал. Покрај овие ингеренции, надлежност на претседателот е и именувањето на тројца членови во Советот на безбедност и на директорот на Агенцијата за контраразузнавање. Речиси е сигурно дека оваа Агенција ќе добие нов човек и дека Димовски, кој е поранешен амбасадор во Србија, ќе биде разрешен. Не помалку значајна функција на шефот на државата е и таа поврзана со надворешната политика. Според Уставот, претседателот ги поставува и ги отповикува со указ амбасадорите. Во текот на својот мандат претседателот Црвенковски одби да ги потпише указите за неколкумина амбасадори кои беа предложени од Владата. Според информации од изборниот штаб на Иванов, тој веќе наголемо се подготвува за екипирање на неговиот кабинет. Во јавноста веќе кружат неколку имиња кои се споменуваат како членови или советници, а тоа се Тодор Петров, кој му беше противкандидат во изборот на ВМРО- ДПМНЕ за кандидат за претседател. Се спомнува и Панде Лазаревски од ИК на ВМРО-ДПМНЕ, како и неколку луѓе од Институтот за демократија