За каква двојна формула зборува Иванов
вторник, 21 април 2009, 18:05
Изненадувачката изјава на Ѓорѓе Иванов дека двојната формула значи Македонија за меѓународна употреба да има друго име, а уставното да се користи само во државата, што е сосема поинаков и помек пристап од неговите досегашни, но и од владините позиции, засега не испровоцира реакции во Атина. Нема ниту информации дали ваквиот настап на Иванов минатата седмица е и новоприфатен став од македонската влада која силно инсистираше дека се разговора за име кое само Грција би го користела, додека за целиот свет би биле Република Македонија, што во суштина е ,,двојната формула,,. Затоа, домашните аналитичари се зачудени од тоа што Иванов користи иста фраза за ,,двојна формула,, за сосема различна позиција.
,,Со последната изјава, која ми се чини нејасна, Иванов всушност игра на грчка позиција – дека меѓународното име се преговара, а име за внатрешна употре е Република Македонија – тоа е она на што Грците инсистираат, затоа што двојната формула која беше актуелна во македонската надворешна политика е – за меѓународна употреба останува Република Македонија, а ќе се разговара за името кое Грција сака да го употребува. Се работи за гаф, не верувам дека Иванов солира, затоа што не покажа доволно интегритет во предизборието,,- смета аналитичарот Сашо Ордановски.
,,Двојната формула,, - уставното име за меѓународна употреба, а друго име за билатерална комуникација со Грција за Јован Донев од институтот ,,Евро балкан,, е прагот под кој власта, вклучувајќи го и новиот шеф на државата не смеат да отидат.
,,Двојната формула подразбира Грција да не нарекува онака како што ќе се договориме, а за сите останати држави сме република Македонија.. Оттука, се друго што би го прифатиле Владата и идниот претседател е понижување и кршење на правата на нејзините граѓани,,- вели Донев.
А еве како Ѓорѓе Иванов ја објасни ,,двојната формула,,
-
,,Секогаш сме потенцирале дека разговараме за име за меѓународна употреба. Ние никогаш не сме прифатиле став кој е истакнат од грчката страна – erga omnes, значи едно име за сите употреби и сега вие можете да толкувате – ако сме за прифаќање на име кое ќе биде за меѓународна употреба, тоа се подразбира дека внатрешното уставното име си останува Република Македонија и тоа кој како сака да го интерпретира сепак е двојна формула,,.
Официјалната позиција на Грција, неколкупати повторена од Караманлис и Бакојани, е едно сложено име со географска одредница кое ќе го содржи зборот Македонија за севкупна меѓународна употреба.
Изјавата на Иванов:
http://vesti.alfatv.com.mk/default.aspx?mId=57&eventId=7350