- Член од
- 3 јули 2008
- Мислења
- 245
- Поени од реакции
- 9
![](http://novamakedonija.com.mk/images/Editions/21649%20663/ucenici.jpg)
Мамо, тато ,знајте дека многу ве сакам. Се надевам дека ќе се видиме во другиот свет.
Проштално писмо со ваква содржина оставило девојче од петто одделение, кое пред два дена се обидело да скокне од прозорец, од вториот кат на училишната зграда, откако видело дека на тестот по англиски јазик добило четворка. Ова се случило во познато скопско основно училиште, додека траел часот по англиски јазик. Девојчето, кое е одлична ученичка, откако го добило својот тест, почнало да го пишува писмото во тетратката и побарало да појде во клозет. Излегло од училницата, а други нејзини другарчиња го виделе како го отвора прозорецот во училишниот ходник и како се прекачува. Ги викнале наставниците, педагогот и психологот, кои спречиле трагедија.
Родители чии деца учат во истото училиште револтирано коментираат дека вакви деца произведоа сите притисоци на кои тие се изложени поради сите испрашувања и сите тестови што ги полагаат за да се подготват за „големото“ екстерно тестирање што треба да се одржи во јуни.
Зарем вака наставниците и институциите ги планираа подготовките за едно обично тестирање, кое не е ништо друго туку еден обичен тест како и секој друг што досега се правел во училиштата? Кој им става во главите на децата дека само петката е оценка, а секоја друга е катастрофална? И на крајот на краиштата, кој е индиректниот креатор на црни мисли и црни намери во главите на единаесетгодишни деца?
Ова е апел за внимание
Со влегување во пубертет почнуваат игрите на смрт, тоа е автодеструкција што си ја носиме од раѓањето, сметаат психолозите и психијатрите.
- Ваквото однесување можно е да се должи на преголемите очекувања што ги имаат родителите, кои создаваат чувство на притисок и страв кај децата, кои си мислат дека нема да се доволно способни да ги исполнат тие очекувања. Овој обид за самоубиство на девојчето, оваа промоција на истакнување е апел за внимание и помош - смета Мирослав Пендароски, психолог и едукатор во здружението „Големи и мали“.
Според него, очекувањата од наставниците се друга приказна, иако е поважно влијанието на родителите. Како што објаснува тој, и во минатото се случувало децата да имаат чувства на анксиозност и страв дали ќе се биде добар.
- Денес живееме во ера на постмодернизам и е многу постресно да се живее, а не дај боже да не се биде успешен. Шансите се помали, а притисокот сè поголем. Но ваквото однесување би можело да е резултат и на личната структура, темперамент, карактер на детето - додава Пендароски.
Сите психолози се согласни дека обидот за самоубиство кај толку мало дете е резултат на целиот стрес и од семејството и од наставниците. Благица Л’скова од советувалиштето „Гешталт солушнс“ вели дека детето реагира на начин што смета дека е најлесен начин за да се решат работите.
Тестовите ги исцрпеа децата
Од 1 септември досега сигурно имаме направено повеќе од 100 теста и исто толку пати секој од нас бил испрашан, вели Ангела Медаровска, ученичка во втора година во гимназијата „Никола Карев“.
- Навистина е стрес кога сенешто мора да се полага, постојано да се испрашува, а како резултат, добиваме пониски оценки. Тоа уште повеќе иритира и нервира. Исплашени сме и ние и професорите, се однесуваме како да ни зависат животите од тоа екстерно тестирање. Сите сме исцрпени. Барем да имавме добри резултати наместо тројките и четворките - вели Медаровска.
Учениците треба да сфатат дека нема тие да бидат загрозени со екстерното тестирање, туку ќе се проверува работата на наставниците, вели Весна Хорватовиќ, директорка на Бирото за развој.
- За тоа дали по ваквиот немил настан ќе се укине ова тестирање или не треба да одлучи Министерството за образование и наука (МОН). Најважно е родителите да сфатат дека не е само петката оценка и да не ги заплашуваат децата. Не мислам дека многуте тестови се притисок врз нив, напротив, тестот се применува одамна и со цел да се следи постигањето на ученикот - смета Хорватовиќ.
Виновни се родителите
За нагонот за самоубиство кај детето училиштето е најмалку виновно, вели Убавка Бутлеска, училиштен педагог.
- Порано децата ги казнувале со најсурови казни, па никој не се обидел да се самоубие. Притисокот не е во оценката, тестот и, воопшто, во барањата од децата. Менталниот склоп на детето и како е тоа третирано во семејството е главната причина за неговото однесување. Во главата си создава шема на размислување и ако дома му рекле дека мора да добие 5-ка, за него сите други оценки се удар - смета Бутлеска.
Извор: http://novamakedonija.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=0&tabid=2&fCat=1&EditionID=352&top=1&ArticleID=21235