Некој тера инает
Каматите на државните записи и натаму растат
Иако вети дека ќе престане, сепак, Владата упорно се задолжува на домашниот пазар
Во исчекување да се земе странски кредит преку емитување еврообврзница, со која би требало да се покријат се' поголемите финансиски дупки на земјава, Владата не престанува да се задолжува на домашниот пазар, по се' повисока каматна стапка.
Завчера во Министерството за финансии повторно се одржаа две аукции на државни записи, со кои државата, преку тримесечни и шестмесечни државни записи, успеа да собере вкупно 12,2 милиони евра или 750,4 милиони денари.
Тоа значи дека Владата, иако вети оти ќе престане со задолжувања на домашен терен, со цел да го намали притисокот врз банкарските камати, очигледно нема друг избор и продолжува да издава државни записи, со кои се задолжува кај домашните банки, компании и други инвеститори.
На аукцијата на тримесечни записи државата барала да се задолжи со 19,5 милиони евра, но купувачите не „загризале“ за целиот износ, туку купиле нешто повеќе од половина, односно записи за 10,5 милиони евра. Каматната стапка била 9,24 отсто, што е мало зголемување во однос на претходната аукција на 19 мај, кога за овие записи таа изнесуваше 9,20 проценти.
Доколку на претходната аукција банките имаа многу помал интерес за тримесечните записи, сега тој малку е зголемен. Па, така, банките купиле 27,85 отсто од записите, а другите клиенти учествувале со 72,15 проценти.
Од шестмесечните записи, пак, биле понудени записи на сума од 3,3 милиони евра, а се продадени за 1,7 милиони евра. Во оваа аукција, пак, банките воопшто не купиле шестмесечни записи, туку целиот износ отпаѓа на другите инвеститори. Се постигнала камата од 8,99 отсто, што е повеќе во однос на последната стапка од 8,8 отсто.
И додека се' уште нема прецизни информации кога ќе се емитува еврообврзницата, на кој износ, со која камата и дали воопшто ќе успее тоа задолжување кај странски банки, очигледно притисокот е голем и државата не престанува да се задолжува на домашниот пазар. Како последици на тоа банкарските камати од ден во ден зголемуваат, достигнувајќи рекордни вредности.
Експертите, пак, не престануваат да предупредуваат - Владата мора итно да донесе свежи пари од странство.
http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=F40D41326495E8489AEABCF8625BA171