Биљали: Одговорноста за изборите е на власта
Горан Петрески Коментари (11)
17.01.2009 21:23
Мерсел Биљали
За изборите, изборните инциденти, интересите на Албанците во Македонија, ЕУ и НАТО интеграциите, во интервју за А1 говори Мерсел Биљали, професор по меѓународно право на универзитетот ФОН, аналитичар, познавач на приликите во албанскиот политички блок.
Професоре Биљали, заврши ли создавањето на етнички држави во регионот или тоа е се уште активен процес?
- Тоа е еден процес кој беше во рамките на постојните специфики што ги има Балканот. Јас мислам дека се движиме во една средина помеѓу етничкото и мултиетничкото и европското, така што таа средна линија на движење не прати уште некое време и практично ќе надвладее мултиетничкото.
На ова претседателот на ДПА Мендух Тачи рече „Се плашиме дека во еден момент кога владата во Македонија прави битки кои личат на средниот век, не на минатиот, за идентитет и за етничка држава, а не прави ниеден компромис на патот кон НАТО, мислам дека е несериозно да зборуваме дека создавањето на етнички држави е процес што завршил“.
Што мислите за ова, со критиката на адреса на Владата стаса и тезата на Тачи дека во регионот не е завршен процесот на создавање етнички држави?
- Секогаш има идеи, во прашање е дали се тие релевантни или нерелевантни или дали ќе имаат поддршка. Мислам дека практично, обично тоа е настап на маргинализираните политички партии, кои немаат ништо друго што да понудат на јавноста и се обидуваат со такви методи нешто да приложат. Меѓутоа, тоа е завршена карта.
Го сметате ова за радикализација на реториката на ДПА или за маргинализација на партијата?
- Мислам маргинализација.
Албанците во Албанија гласаат мирно, на Косово ни држат лекции по демократија кога излегуваат на избори. Само во Македонија не гласаат цивилизирано - зошто?
- Не знам дали е тоа прашање само за Албанците. Мислам дека сегашната власт должи една дебела анализа во однос на тоа што точно се случи во јуни оваа година на парламентарните избори - таков одговор и должи на јавноста.
Дали можеби претходел некаков интерен договор меѓу тогашните коалициони партнери за таа причина и не верувам дека тоа спонтано се случи, затоа што, ако се сеќаваме на приоритетните изјави на претседателот на ДИК и на премиерот на државата, дека само два проценти од гласовите се изманипулирани, за потоа да испаднат 16 или 17, значи дека тука нешто е матно и таа работа треба до крај да се објасни.
Второ, за жал се уште се етикетира албанската јавност, а мислам дека одговорноста е комплетно на власта, без оглед на тоа дали е албанскиот или македонскиот дел од власта. Реално, таа си има одговорност да одржи слободни и демократски избори. На пример, ако денес сме имале слободни избори, по таа логика, зошто 10, 15, 20 години подоцна да немаме такви избори.
Зборувам за инцидентите од типот кршење кутии, тепачки, па дури и пукотници и жртви. Сепак, тоа се случи во албанскиот гласачки табор? Кој е виновен за таквите инциденти, гласачите или партиите, кои на некој начин ги стимулираат партиските активисти во трката по гласови да не бираат начин и метод?
- Беше тешко да им се објасни на странците дека не е во прашање политичка култура на граѓаните. Глупаво е што невладините организации продолжуваат наводно за едукација на гласачкото тело кај албанската популација, што нема врска со реалноста.
Мислам дека барем органите на гонење, што според закон имаат обврска, можат на тие луѓе, а на прсти се бројат, да им одат до центарот, до мозокот, кој бил главниот координатор на такви нарачки. Ако не ги инструментализираат за такви криминални структури, ако не ги стават во погон, во движење, со една координација стриктно на врвот на една или повеќе политички партии, нема да има такви избори.