Времето за лажење во Македонија полека но сигурно привршува
четврток, 05 март 2009
Реакција од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија во врска со текстот објавен во дневниот весник “Нова Македонија” на 4 март 2009 година, со наслов “Македонците се бришат, Македонија станува Унија на народи” од авторот Мирка Велиновска
Во изминатиот период Кабинетот на Претседателот на Република Македонија одбегнуваше да коментира различни конструкции и шпекулации пласирани во електронските и печатените медиуми кои се оденесуваа на ставовите и активностите на Претседателот на државата. Овој пристап го почитувавме уште повеќе кога се работеше за текстови објавени од автори со одамна изгубен професионален и човечки кредибилитет.
Имајќи во предвид дека овој пат делови од текстот “Македонците се бришат, Македонија станува Унија на народи” објавен во дневниот весник “Нова Македонија” се презедоа во неколку електронски и печатени медиуми (сакаме да веруваме дека се работи за чиста случајност, а не за предизборно сценарио разработено во нечиј партиски штаб), решивме да го објавиме следниот демант:
1. Целиот текст е лажна конструкција без било какви факти и аргументи и без било какви допирни точки со реалноста.
2. Ставовите на Претседателот на Републиката во однос на спорот со Грција се добро познати и во безброј наврати јавно соопштувани пред македонската јавност. Никакви тајни планови не постојат ниту пак има потреба од такво нешто.
3. Летото 2007-ма во Охрид се одржа средба со професорот Адиџес, која беше организирана не од страна на шефот на државата туку од страна на премиерот Груевски. За тоа говори фактот што средбата се одржа во премиерската, а не во претседателската резиденција, како и составот на останатите присутни: Зоран Ставревски - потпретседател на Владата, Љубиша Георгиевски - претседател на Собранието и д-р Срѓан Керим. Претседателот на Република Македонија на оваа средба учествуваше како поканет гостин од страна на премиерот Груевски.
4. Македонското државјнаство на г-динот Адиџес му го врачи премиерот Груевски, а не Претседателот на државата.
5. Претседателот на Република Македонија ниту има информации, ниту пак има покренато некаква постапка или иницијатива за доделување на академски статус на г-динот Исак Адиџес.
Инаку, претседателот Бранко Црвенковски со професорот Исак Адиџес се познава долго време, имале повеќе средби, заклучно последниот пат при неговиот престој во Скопје, пред неколку дена, кога на покана на претставници на бизнис заедницата професорот Адиџес одржа предавање. Но и на таа, како и на која било претходна средба, ниту се разговарало, ниту можело да се разговара за посредништво или за медијаторство на г-динот Адиџес во спорот околу името.
Претседателот им порачува и на нарачателите и на изведувачите на вакви сценарија дека времето за лажење во Македонија полека но сигурно привршува. Соочувањето со вистината за многумина ќе биде горчливо, но во исто време и неизбежно.
http://www.time.mk/?slot=988&cluster...3D21611&size=1
Zosto administorte dozvoluvaat ovaa tema da se povtoruva tri pati.