Лесно му било на свети Климент без Рада и Макрадули
Автор: Мирка Велиновска
Кога се обидувам да повлечам паралела помеѓу времето на ентузијастите просветители Кирил и Методиј, Климент и Наум, кои се нафатиле со тешка задача да ги описменат и образуваат Словените и нашава сегашност, увидувам дека тие биле вистински среќници. Да имале случајно таква песја среќа да бидат наши современици, гарант ќе баталеле и глаголица и кирилица, а за формирање на Охридскиот универзитет и да не правиме муабет! Среќа е и за Европа, што во Климентово време не постоел овој нов ултрамодерен и западњачки СДСМ, инаку Чесите, Полјаците, Русите, Словаците, Бугарите, Хрватите и Србите ќе беа баш онакви какви што сме денес ние, Македонците, а по долгогодишна мисионерска работа на нашите црвени кмери - талибанска насока.
Минатата недела ја слушавме расправата во Собранието во врска со промените на законот за формирање на Универзитет за информатичка технологија. Во фокусот на интересирањето на ударната петорка на СДСМ беше како да го спасат тендерот на кој нивните универзитетски коминтенти со партиски книшки веќе си ги поделиле тезгите.
Од целата „аргументација“ што ја изнесуваа Макрадули, Бендевска и Гркова - Лошковска разбрав дека им пречат таму некакви си „анонимуси“ од Америка кои работеле на елаборатот и наставната програма и, проф др Благоја Самаковски кој имал конфликт на интереси, што е индиција дека оној евроизолатор Никола пак им ги поматил плановите за добивка од брзи пари. Е сега, што се однесува до првиот „факт“ за анонимусите, а го сподели со нас младиот научник Макрадули, колку што јас можев да видам, секој од нив има работна биографија побогата од сите предци на Јани, со се него заедно, и тоа од палеолитот до денес и обратно. А, пак, што се однесува до информацијата дека тој за нив не чул - па, не ни има каде да слушне кога е специјализиран за поинакви информатички технологии, ама од нив ниту една држава не се офајдила.
Инаку, нема никаква, дури ни талибанска логика во сдсмовска смисла на зборот, зошто некој од „левиве“ Славјани (моја географска додавка за нивниот идентитет) би имал против Универзитетот наместо во Скопје да биде во Охрид, седиштето на Свети Климентовиот универзитет, најстар во Европа. А кој па да ја разбере црвената кмерка Весна Бендевска и нејзината тага по времето кога Универзитетот си беше дом само за нашите професори. Пак ли ќе трошиме народни пари за скапи странски професори кога си имаме домашни кои за малку пари сè си знаат!? И сега, ве молам, во светло на кампањата на СДСМ против „изолационизмот“ на Груевски, како човек да ја систематизира таа идеолошка папазјанија во софтверот на оваа глобализаторка што нејќе да биде изолирана, но се залага за протекционизам во високото образование.
Единствено совршено добро ја разбрав Радмила Шеќеринска. Можеби зошто од нејзината дискусија ми стана јасно зошто на СДСМ, таман уште утре да рокне ве-ме-ре-то, нема да му тргне. Женава, која ни до полнолетството не научила дека варењето е невозможно без течност, реши да го разнесе идниот охридски универзитет така што, единствената македонска фирма која се занимава со производство на памет и високи технологии, ја прогласи за терористичка. И бидејќи е идеолошки на линија, јавно го праша Собранието дали го информирало Обама, ЦИА, Пентагон или макар Филип Рикер, дека проф. Д-р Благоја Самаковски, бил познат меѓународен пролифератор на опасни технологии и непријател на нашиот стратегиски партнер!? Вие изберете си дали ќе ве јаде срам заради нејзиниот талибански порив да руши со динамит ретки центри на знаење и памет во оваа осакатена земја само зошто самата е интелектуално инфериорна или ќе ве совлада нагонот да и затнете неталентирана муцка. Јас на Радмила притиснав дилит. Толку треба!
Крајно време е Македонија и формално-правно да ги регулира своите односи со опскурната СДСМ. Како промотор на хард кор левичарска травестија која се движи во распон идеолошки полпотизам до културен талибанизам, досега беше против изградба на спортски сали, против компјутеризацијата на училиштата, против воведување задолжително средно образование. Им најде маана на репликите на Народниот театар и Офицерскиот дом. Го урна уште неизграден Музејот на восочни фигури. Не го бендиса изложувањето на античките скулптури пред ултрамодерната зграда на бившата Це-ка. Се муртеше и на поставувањето на скулптури на младите македонски скулптори. А не го бендисува ни Јани ни Гоце на коњ. Не било во тренд. За Александар веќе и очи вади. Беше против воведување на нови награди за индивидуални остварувања. Има против дисперзијата на високото образование во повеќе градови во Македонија. Одлучно е против преименување на објекти од јавен интерес со антички имиња. Бара да се вратат безидентитетните и невознемирувачки имиња како што е градски стадион, автопат, еј ти. Го нервира тоа постојано археолошко копање насекаде низ Македонија, му најде маана и на иритирачкиот рекламен спот „Македонија е вечна“. Но, тоа не е сè. Со нашиве талибанци може секогаш и повеќе и поглупо. Другариве го искритикуваа и поставувањето на државни знамиња на јавни места. Нивната новородена експертска ѕвезда Жарко Трајановски веќе констатираше дека симболот на државата, провоцира!!!
Уште ли некому не му е јасно која е нивната политичка платформа?