Македонските граѓани веќе не „пијат нафта“
Автор: Емилија Гелева
Македонската јавност созреа. Тоа од ден на ден го потврдуваат најразличните рејтинзи и високата поддршка за ВМРО-ДПМНЕ. Граѓаните ја поддржуваат политиката на Никола Груевски, а тој пак покажува дека има капацитет одговорно, студиозно, обмислено и смело, не подлегнувајќи на никакви притисоци, да донесува важни одлуки. Продлабочениот пристап кон избор на претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ е силна потврда за тоа. Имено, Груевски покажа дека не се плаши од моќта на медиумскиот монопол на ВАЦ, чиј главен човек во Македонија, Срѓан Керим, не ги криеше своите амбиции за претседател. И не само што не ги криеше, туку и долго ги негуваше подготвувајќи клима дека токму тој е „избраниот“ што нормално ќе треба да биде претседател на Македонија. Во таа смисла дури и сдсмовските рејтинг агенции интензивно лиферуваа негови високи рејтинзи.
Но, реакциите на јавноста покажуваат дека македонските граѓани почнаа да ги разликуваат местенките, да разликуваат што е „чисто“ а што не, и дека не им даваат „пас“. Не помогна ни китењето со некакви си црвени ленти од некои други држави, ниту грижливо негуваниот имиџ за ненадминливо меѓународно искуство што поддржувачите на Срѓан Керим се обидоа да го претстават како најважно, а што кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, проф. Горѓе Иванов го немал. Македонските граѓани ја прозреа оваа сдсмовска шашма. Други, пак, без никаква причина се обидуваат да го споредат проф. Иванов со Борис Трајковски, велејќи дека Иванов не и бил познат на јавноста како што бил Трајковски. Без оглед на тоа што ВМРО-ДПМНЕ се обидува да направи некаков претседателски култ од Трајковски, во што не изостанува ни СДСМ, сепак и на таа местенка народот не реагира, иако молчи од проста народна причина - за мртвите сè најдобро. Но, мора да се каже дека таквата споредба е несоодветна, зашто ако некој беше анонимус за македонската јавност, тоа бездруго не е Иванов, кој е присутен во јавноста со своето сериозно дејствување, и во цивилниот сектор како и во академските кругови повеќе од две децении. За разлика од него, Трајковски имаше стаж од само некоја година во градежна задруга, а според информации на упатени имал поважен неколкугодишен стаж на некаков си платен список на ЦИА. Не знам дали тие документи некогаш ќе се декласифицираат, и дали по 50 години или порано би можела да се дознае вистината. На странските експерти кои му ја работеа претседателската кампања на Трајковски, не им беше тешко да укапираат на што се пали народот и како молскавично да лансираат нешто околу што ќе можат да му градат имиџ кај „простата“ маса. Но, народот и тогаш ги разбираше ваквите шашми што се покажа на првиот круг од изборите. Дури по големиот странски притисок врз Љубчо Георгиевски вториот круг помина како што помина, со полнење кутии и пукање, та Трајковски едвај ги доби потребните цифри. Како „нивен“ човек, Трајковски им беше неопходна фигура за да успее планот на Запад за ништење на Македонија, преку нејзино претворање во протекторат, за што всушност и беше инсценирана војната со упадот од Косово на обучени платеници во униформи на ОНА. За подривањето на македонската одбрана од Борис Трајковски како претседател премногу е пишувано, документите би требало да постојат а и сведоците се сè уште живи. Трајковски стана жртва на своите мецени. Македонија, сепак, преживеа.
Затоа, најблаго речено делуваат недоквакано споредбите со Керим, кој бил роден за претседател, при што намерно се забораваат некои до крај неразјаснети моменти од неговата професионална биографија, или со починатиот Трајковски.
Шокиран и напикан в ќоше со изборот на ВМРО-ДПМНЕ, единствено што на СДСМ му остана е повторно да се служи со мафијашки игри и да го предложи за свој кандидат Љубомир Фрчкоски, кој е сè што Горѓе Иванов не е. Фрчкоски е духовен и ментален кастрат, корумпиран ум и карактер, за што доволно говори неговата професионална, но и лична, семејна биографија. Со изборот на Фрчкоски, СДСМ уште еднаш ќе покаже дека нема капацитет за сериозност и заштита на државните интереси. Со извитоперениот потег да го предложи Фрчкоски за свој кандидат за претседател, кој веќе во своја колумна во весникот „Дневник“ долно го нападна Иванов, СДСМ покажува дека освен за валкани игри не знае за друго.
Канонадата од медиумскиот монопол на ВАЦ против Груевски и неговата Влада и политика веќе почна како слатка одмазда. Може само да се замисли какво ќе биде нивното известување и пишување за изборите и за кандидатот Горѓе Иванов. Концернот ВАЦ има две можности, или да го вразуми својот прв човек во Македонија, Срѓан Керим, или да потврди дека онаму каде што стапнале придонеле за урнисување на новинарството како професија. Затоа, не е лошо за почеток, Брисел, кој измината недела ја искритикува Владата за медиумски неслободи, најпрвин да се обрати до седиштето на ВАЦ во Германија со барање да ја заштити новинарската професионалност. Имањето три весници со најголем дел од колачот на печатените медиуми во Македонија сигурно не значи слобода на израз. Тоа се покажува и сега кога тие се користат како оружје против претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и против премиерот, Никола Груевски.
Но, за среќа, македонските граѓани веќе не „пијат нафта“.
http://www.novamakedonija.com.mk/De...=2&fCat=1&top=1&EditionID=302&ArticleID=16760