постар број на Шпиц
Бранко ГЕРОСКИ
Драги мој Фрле, стар пријателе... Велиш, мора нешто сериозно да не е во ред со народов, кога толку силно и верува на оваа неспособна и самобендисана политичка елита што не води во изолација.
И прашуваш, колку ли мора човек да е глуп за да не го види тоа што му е под носот.
И уште велиш дека ти се собира душичката над иднината на нашата земја.
Пуста душа, душа круша... Богами, и треба да ти се собира!
Затоа, вистинското прашање, кое не е баш реторско, се однесува на тебе. И на мене. И на таквите како нас. Колку ли мора човек да е суетен и неискрен за да не признае дека сепак не е до нив, туку до нас?
Не е ни до премиерчето, ни до народот, човече! До нас е! До тебе, до мене и до таквите како нас.
Бевме наивни. Кога се појави човекот што ти го нарекуваш премиерче, верувавме дека се раѓа нова надеж, оптимизам, полет, некаков нов технократски дух во партијата која странците безмалку до вчера ја рубрицираа како националистичка, револуционерна и политички неприфатлива.
Бевме загрижени да победи реформското крило во ВМРО-ДПМНЕ, верувајќи дека така е подобро за Македонија.
Бевме разнежени од фацата на глумецот без ролја, на боксерот без меч, на човекот кој веројатно уште тогаш беше решил од земјава да направи театар, а од нас, наивните и глупавите, боксерски вреќи.
Ако не го сакавме, не го ни мразевме. Уште поважно, си рековме, еве човек за да ни мине пизмата, проклетницата...
А ако и не беше баш се така, барем со тебе, стар пријателе, ќе признаеш барем едно - ни заличи момчето барем на една пристојна, пријатна казна за неверните и некадарни Бранковци. Нешто како две години условно...
Можеби грешам душа, ама мислам дека и на Бранета типчето му заличи на достојно трнче за немирното газе Бучково, а би се обложил дека имало моменти кога на џаинистичкиот шарм на премиерчето паднале и Бучко и Рада и сите кои после завршија на клада.
Затоа, пријателе, прашај се и прашај ме и мене, колку ли бевме ние глупави кога не успеавме на време да видиме каков троскот ни вирее под нозете.
Ебаго, денес сите сме умни ко генерали после битка. Денес ни е јасно дека Љубчо Луцифер за овие беше демократ од европски ков, а на брат Љубе еден Ганди може вода да му носи...
Затоа, не туку ми кукулелекај, Фрле мој, Цуле покорни, туку признај, мушки и поштено. Ние ја утнавме работата! Ние ја оставивме Македонија на цедило. Јас, ти и таквите како нас.
Додека типчето со срамежлива насмевка го работеше народот ко бавча, ние се занимаваме со самите себе.
Одевме напред со главите свртени назад.
Се гледавме под око.
Тие ни пуштаа кутриња по сокаците, а ние лаевме по секое, иако знаеме дека така никаде не се стасува.
Ни дадоа трла за блеење. И ние блеевме.
Ни дадоа трева за пасење. Пасевме.
Барем блеевме и се уште блееме. И тоа е нешто. Другите молчеа. Уценети. Подмочани. Попишанковци, што би рекол Боро покојни.
Си се прашал ли некогаш кои се тие ќутолози?
Си помислил ли некогаш дека сите тие глупаци што ја голтаат оваа идиотска приказна за Македонија што напредува 24 часа на ден, 7 дена во неделата, со учинок од 90 отсто за 100 дена, не се некои апстрактни луѓе, туку фаци што ги знаеме?
Ало, Фрле, тоа се нашите познаници и пријатели! Со нив живееме. Се шегуваме, на телефон зборуваме во шифри оти се снима, пиеме кафе, оговараме, раскажуваме вицеви, уживаме...
После тебе, велиш, ти се берела душичката, а тие молчат ко дундимариња!
Затоа, ко што вели еден стар добар виц, да не се курчиме кога не знаеме да летаме. Што си запнал, премиерчето вака, премиерчето онака?
Премиерчето, батка, не растури, ко бугарска скупштина.
Не сними и сфати дека нас, соколи осоколени, може да не подбере со шака полуинтелигентни папагали. (ова мене лично ми е најјако)
Сфаќаш ли ти, човече, каков џган не порази во очите на овој народ?
И додека на сцената се биеше една беспоштедна битка за душата на овој народ, драги мој Фрле, која премиерчето ја доби со едно жуто комби интриганти, шпиони, коцкари и будали, нашата опозиција седеше мадро и гледаше сеир.
Не и беше било времето.
Премиерчето беше многу популарно и тие чекаа популарноста да му падне, онака природно, сама од себе.
Седеа мадро, да не носат модро.
На крајот, пред изборите, на кои се биеше битка за честа и за опстанокот на идејата за една поинаква, европска Македонија, имаше и такви абдали кои правеа пресметки дали три или пет пратеници помалку или повеќе би можело да се смета за чесен пораз.
Бране, пак, три години чекаше да се разбуди, ко Снежана оплакувана од седумте џуџиња, кога веќе стана јасно дека премиерчето се спрема да го извлече од стаклениот ковчег, милом или силом.
А да биде уште поглупа работата, сите, ама баш сите, освен мудрото премиерче, наседнаа на бриселските приказни дека сме немале политички дијалог, кохабитација и демократија.
Пишуваа бриселските бирократи извештај по извештај, кој од кој пообјективен, а ние паѓавме болни од совест европска. Само премиерчето, батка, кого го заболе и за ЕУ и за демократијата, го сфати штосот и објави, а богами и со реклами потврди, дека извештајов, овој последниов, ти бил позитивен. А народот верува...
Ало, Фрле, ало, другари од комитетот, што ви е, да не ви го испила чавка мозокот? Каков дијалог, каква демократија, какви бакрачи?!
Како, бре, не гледате дека планот е да не снема?! Типчето сака физички да не снема! Тој сите ќе не прогласи за СДСМ, а СДСМ, како и Картагина, впрочем, мора да се уништи!
Затоа, ако се уште не ти е јасно, друже Фрле, ова е една смртно сериозна, рационална и совршено дизајнирана политичка програма. Која ќе се рекламира имено како европска.
Премиерчето ќе го убеди народот дека Македонија со тоа ништо нема да се изгуби. А демократијата уште и ќе добие!
Убиеното критичко мислење, кое прерасна во критизерско, непатриотско, предавничко и антимакедонско, ќе се замени со ново и здраво критичко мислење, кое остро ќе се нафрли на оние 10 отсто неостварено. И на нас, попатно.
Уништената опозиција - уништена по своја вина, нели, поради својата неконструктивност - ќе се замени со нова. Дел од партиите сателити на власта ќе бидат експресно прекомандувани во опозиција.
Верувај, пријателе стар, човекот што ти го нарекуваш премиерче и кој успеа да го убеди овој народ дека кога секој ден му е полошо било знак дека му станува подобро, ќе умее да го спроведе тој план. Ух, уште како!
А странците ќе нишкаат со главите во знак на одобрување, пред нашите носеви.
И ако тебе ти е утеха што сето тоа би можело да биде одработка на некоја туѓа агенда, теши се, ако немаш попаметна работа. Оти и тоа ќе биде помалку страшно од вистината - вистината дека агендата, сепак, е домашна, дека станува збор за македонскиот синдром на самоуништување.
Е, тоа е...
А ние?
Што ние, драги мој Фрле? Ќе има за нас по едно трленце за блеење и трева за пасење, ако тоа те сакалдисува.
Што се однесува до мене, јас сфатив дека болната вистина е дека нашето однесување - твоето, моето и на таквите како нас - било трагично предвидливо. И предвидено.
Ние сме дел од планот, човече! Ние сме симулакрумот. Ние сме неговата најголема легитимација.
Напорот да не совлада нас, за премиерчето е само уште една дополнителна ставка во буџетот за идиотски реклами. Ништо посебно...
Затоа, на крајот од оваа болна тирада, ќе ти дадам еден совет, драги мој Фрле, иако сум и помлад и многу поглупав од тебе. Ако се уште не си станал ко Љубчо, кој по цел ден гледа „Операција триумф“, сигурно си забележал една владина реклама, која сугестивно ни порачува: Ослободи го срцето!
Тоа е тоа, ослободи го срцето! Ама немој да наседнуваш на штосот за толеранцијата, бидејќи и ова со срцето е финта и план. Имено, откако изврши колективна лоботомија за уништување на центарот за мразење на владата во нашите глави, премиерчето планира кај суспектните пациенти да изврши операција на отворено срце, за да се бајпасираат крвните садови во кои е згрутчен црвот на сомневањето. Ништо не смее да се остави на случајот.
Значи, Фрле генијалецу, доста мекаш, ослободи го срцето и - стани, викни и провикни. Не само ти, ами и таквите како тебе. Можеби се уште има асални мажи, орни за битка, за збор, за одред, за чифте фрлање, за чаре барање.
Можеме да им признаеме дека се посилни, но веќе не смеат, бре, ни да помислат дека се попаметни од нас!
А некаде, верувам, има една поинаква Македонија, која ни лежи на срцето. Ај да не ја навредуваме, туку да ја бараме.
Ќе потрае. Па што? Да не имаш друга, попаметна работа?
Ако народов им верува на абдаливе, има ли смисла потрагата? Има. Баш затоа.
јаки се другариве и визионериве , нема што )))))