Немаме шанси да бидеме шампиони
Голманот на Јувентус и италијанската репрезентација Џанлуиџи Буфон уште еднаш изрази резервираност за шансите на неговиот тим да ја освои шампионската титула во Серија "А" оваа сезона. Повратниот во италијанската фудбалска елита во неделата се избори за реми против актуелниот првак Интер, но Буфон смета дека играта е далеку од она што е потребно Јувентус да се искачи на врвот во домашниот фудбал. Токму тој имаше голема заслуга за освоениот бод бидејќи при водство на гостите од 1:0 одбрани неколку стопроцентни шанси на "неро-азурите" по што Каморанези го израмни резултатот и му донесе бод на својот тим.
"Јас сум реален и знам дека е многу тешко да станеме шампиони во оваа сезона. Во моментов има најмалку два-три клуба во Серија А кои се пред нас и на организациски и на квалитативен план. Ако и во продолжение од сезоната играме како досега, мислам дека е логично да завршиме во првата 'четворка', но за титулата мора уште да малку да созрееме. Лично за себе, задоволен сум од мојот настап на дербито, но мислам дека никој не очекува нешто друго од мене. Сакам да го поздравам Паладино, кој беше одличен во сите 90 минути од натпреварот и заслужено беше избран за играч на натпреварот. Мислам дека ремито е фер резултат од овој натпревар иако и двете екипи имаа свои шанси на крајот да ги освојат трите бода и да остварат исклучително значајна победа", изјави Буфон.
Неделното дерби меѓу Јувентус и Интер беше прво по минатогодишниот скандал со "наместени" натпревари во кој главната улога ја имаше торинскиот клуб и заради тоа беше исфрлен во Серија "Б". и по него, ситуацијата на табелата остана иста затоа што Интер го задржа првото место, а Јувентус остана четврти со заостанување од четири бода.