На служба само за дружба
Само во Министерството за култура има десетици вработени што примаат плата, но немаат услови да сработат што било
Освен плата, работодавецот е должен да им даде и работа на вработените во државната администрација
Бифето во Министерството за култура до неодамна беше најголема канцеларија во која во текот на работното време седеа десетина државни службеници, вработени врз основа на рамковниот договор. Вревата што ја правеле почнала да им пречи на претпоставените, па тие им го ограничиле престојот во бифето. Службениците од „работните“ места во бифето се префрлени во канцеларии каде покрај три бироа сега седат и по шестмина вработени. Во такви услови, некои работат, а некои може само да седат.
До последните парламентарни избори овој проблем не се поставуваше, бидејќи четириесетина новопримени службеници воопшто и не доаѓаа на работа, а примаа плати. Недостиг од бироа и канцеларии се појави кога, по изборите, дојде нов министер и тие се исплашија дека ќе ги загубат работните места.
Државните ревизори утврдија дека за нивните плати се потрошени 130.000 евра, а од нивната „работа“ нема никаков ефект. Завчерашниот ревизорски извештај за работата на Владата во 2007 година откри поразителен факт дека дел од припадниците на етничките заедници, кои се вработуваат за да се исполни обврската за нивна соодветна и правична застапеност во државните органи. Тие службеници не работат ништо од проста причина што работодавецот, односно државата, не им обезбедила ни елементарни услови за тоа.Случајот со ова Министерство, каде што тврдат дека со преселбата и со новите канцеларии ќе се создадат услови за работа, не е единствен. Вработен во Министерството за образование, кој сакаше да остане анонимен, ни изјави дека и таму бифето врие од вработени без работни обврски.
- Истовремено, во мали канцеларии работиме и по четворица, зашто, едноставно, нема доволно место за сите - вели тој.Државниот секретар Дарко Митевски вели дека условите за работа се како и во другите министерства, што значи дека речиси во секоја канцеларија има „вишок“ вработени.Вицепремиерот Абдулаким Адеми, задолжен за спроведување на рамковниот договор, вчера потврди дека постои проблем со вработените припадници на етнички заедници.
- Многу брзо ќе има одлука на Владата за тоа каде ќе работат. Точно е дека во Министерството за култура проблемот е најприсутен. Анализираме колку се и каде има вработени според обврските од Охридскиот договор - изјави тој.Според последните податоци, од крајот на 2007 година во државните служби се зголемува бројот на припадниците на етнички заедници. Највисока стапка на вработување од 17,42 отсто имаа Албанците. Според статистиката, вистинскиот процент треба да биде околу 25. Вицепремиерот Адеми најави дека од август минатата година во тек е реализација на три конкурси за вработување во државните служби на околу 860 припадници на етнички заедници.
- Ние сме примени како државни службеници и тоа сакаме да останеме. Пред неколку месеци ни понудија да не' префрлат по општините, во музеи, галерии, домови на културата за да имаме каде да работиме. Но, одбивме бидејќи со тоа ќе го загубиме статусот на државни службеници - изјави вработен во Министерството за култура.Правните експерти укажуваат дека вработувањата, без да се обезбеди работа за примените, се бесмислени.
- Државата, како работодавец, е должна на секој свој вработен да му обезбеди услови за работа. Во спротивно, некој мора политички да одговара, зашто дозволува да се даваат пари за плати, без ангажман. За тоа што не работат ништо не се виновни вработени, туку тој што ги ангажирал - смета универзитетскиот професор Тито Беличанец.Според процените, во државните служби и во јавната администрација има над 120.000 вработени, наспроти предупредувањата дека тоа е преголема бројка.