АНКЕТИТЕ ПОКАЖУВААТ ДЕКА ТОЈ ТРЕБА ДА НЕ ПРЕТСТАВУВА
За малку неизвесно учеството на Александар Белов на „Евросонг“ Александар Белов, миленикот на домашната и на балканската публика, со сигурност ќе пее на Изборот на песна за Евровизија, кој ќе се одржи од 18 до 20 февруари во Универзална сала. Неговото учество деновиве беше доведено во прашање откако менаџерот Драган Пешиќ- Пеле решил да ја повлече песната „Ти пеам песна“, која ја откупил од композиторот Кире Костов, со цел да ја пее Александар. Тој не ги открива мотивите за оваа постапка, но вели дека работата се „измазнила“ со заедничкиот договор со продукцијата „Емоушн“, која се грижи за кариерата на натпреварувачите од популарното шоу „Операција триумф“, во која учествуваше и Белов. - Точна ви е информацијата дека сакав да ја повлечам песната. Ако некој најмногу посакуваше и посакува Белов да пее на „Евросонг“, тоа сум јас, и затоа ја откупив песната на композиторот Кире Костов и му ја дадов на Белов. Иако во меѓувреме се премислив, на крај ја почитував желба на Александар и му ја отстапив песната - објаснува Пешиќ, кој демантира дека му е менаџер на Белов. Од евровизискиот тим на МТВ се, исто така, сигурни дека популарниот пејач ќе настапи на фестивалот. - Во случајов ништо не е спорно. Композицијата е примена на конкурс, како и сите други, а понатаму авторот Кире Костов си го одреди изведувачот. За нас како организатори сите учесници се рамноправни. Нема попопуларни и помалку популарни и сакаме да организираме фестивал во кој ќе нема местени работи и скандали, ни рече шефицата на делегацијата, Гордана Андрашевска. Белов последниве месеци здоби голема популарност како студент на „Операција триумф“, каде на крај го зазеде третото место. Во моментов со својот брат Иван се наоѓа во Белград, каде што договара снимање. По враќањето ќе одржи конференција за печат на која ќе бидат обелоденети неговите планови поврзани со учеството на „Евросонг“ и за неговата натамошна кариера со „Операција триумф“. Инаку, неодамна на најпознатиот домашен музичкиот сајт Македонска музичка мрежа, њњњ. ммм. цом. мк беше спроведена анкета на тема „Кој треба да не претставува на Евросонг 2009?“ на која тој победи со убедливо мнозинство гласови, и тоа со гласови од педесет проценти од испитаниците. Зад него, на втора позиција, со 21 процент од гласовите се најдоа момчињата од „Некс тајм“, Ламбе Алабаковски беше избор на 12 проценти од испитаниците, со еден процент помалку од него на листата беше Влатко Лозаноски, додека опцијата „Некој од старата гарда пејачи“, беше избор на седум проценти од анкетираните.