Додека за време на пубертетските процеси се утврдува првенството на гениталните зони, а машкиот пенис за време на ерекцијата заповеднички укажува на новата сексуална цел, на продирање во некој отвор на телото, кој ја возбудува гениталната зона, на психичката страна пак, се врши пронаоѓање објект, за кој подготовките се извршени уште од најраното детство. Кога првобитното сексуално задоволување се` уште било поврзано со земањето храна, сексуалниот нагон имал свој сексуален објект вон своето тело, во мајчините гради. Тој подоцна го губел, можеби точно во времето кога на детето му е овозможено да создаде претстава за личноста на која и` припаѓал органот што му овозможувал задоволување. Половиот орган тогаш, автоматски станува автоеротски, и дури по совладувањето на латентниот период, повторно се воспоставува првобитниот однос. Затоа, не без причина, цицањето на детето од мајчините гради се претворило во пример за секој љубовен однос. Пронаоѓањето објект, е всушност, повторно пронаоѓање.
Инфантилен страв
Децата, од своите рани години, е однесуваат така како нивната приврзаност кон лицата кои ги негуваат да е некој вид сексуална љубов. Детскиот страв на почетокот не е ништо друго, освен израз на тоа дека детето чувствува недостаток на саканата личност, затоа секое непознато лице го гледаат со страв;тие се плашат од темнина, затоа што не го гледаат саканото лице и се смируваат кога во мракот можат да ја допрат неговата рака.
Последици од инфантилниот страв
Дури и оној кој среќно го избегнал инцестното фиксирање на своето либидо, не е наполно ослободен од неговото влијание.Јасно е ехото на таа фаза од развојот кога момче, како што тоа често се случува, прв пат сериозно ќе се вљуби во зрела жена, а млада девојка во постар маж со голем авторитет, кои можат да им ја оживеат сликата на мајката, односно таткото. Во слободното имитирање на тие примери се врши воопшто изборот на објектот. Пред се`, него мажот го бара според сликата на својата мајка, како што ја има задржано во сеќавањата од најраното детство; во потполна согласност со тоа дека се` уште жива мајка му, се спротивставува на ова свое обновување и зазема непријателски став. Кај таквото значење на детските односи кон родителите за подоцнежниот избор на сексуалниот објект, лесно е да се разбере дека секоја пречка на тие односи во детството, во себе носи најтешки последици на сексуалниот живот после зрелоста. И љубомората на човек кој љуби во себе крие инфантилни корени, или барем инфантилно засилување. Несогласувањата меѓу родителите, нивниот несреќен брак, условуваат најтешки предиспозиции за пречка во сексуалниот развој или за невротски заболувања на децата. Инфантилната наклонетост кон родителите е, бездруго најважната трага, но не и единствената која, обновена во пубертетот, го покажува патот за изборот на објектот. Други траги со исто потекло му овозможуваат на мажот, имитирајќи го сеуште своето детство, да развие повеќе од една сексуална низа, а да создаде сосема различни услови за ибор на објектот.