The Next Three Days (2010)
После подолго време еден трилер во кој навистина уживав од почеток до крај.
Дејство: еден убав ден, животот на семејството Бренан се врти наопаку кога Лара Бренан (Елизабет Банкс) е обвинета за убиство. Нејзиниот сопруг Џон (Расел Кроу) прави се што може да ја ослободи, а кога ќе ги исцрпи сите правни опции, почнува да размислува за организирање на бегство.
Сега, да се навратам на делот во кој пишав дека уживав во филмот, и зошто е тоа така. Повеќето акциони трилери во последно време се „празни“, во смисла дека има некаква случка која треба да се реши, некој некому му должи пари па го бркаат, некој некого го мести за убиство па го решаваат случајот, возот избегал па сакаат да го запрат... скоро никакви емоции во филмовите нема. Eве за последниот пример, филмот Unstoppable, или што би рекла Миланка Рашиќ, „Воз прегазио шине“, Дензел е во живот-или-смрт ситуација а неговите ќерки го гледаат на ТВ и аплаудираат „Браво татооо“... мислам дајте, тоа врска нема со реалноста, во реалноста има да се тресеш како лист, да плачеш, прашање дали ќе можеш да кажеш и збор... Но како што реков, новите трилери се скоро сите лишени од емоции или се бават со приказни кои не го отсликуваат секојдневието на обичниот човек. Покрај тоа, на главниот јунак му се даваат скоро-супер-моќи со кои треба да излезе од ситуацијата во која се наоѓа. Тој е најпаметен, најхрабар, најснаодлив и нај нај се...
Назад на филмот, значи прво уживав во првата половина која е многу емотивна. Џон преку ноќ ја губи љубовта на својот живот и останува сам со нивното дете. Во овој период, Џон прави она што секој би го правел, се труди да најде излез на сите начини и да ја задржи вербата. Расел Кроу ова го изведе за 10-ка, со малку текст, повеќе со говор на телото (нешто како во Cinderella Man) успеа да ја долови очајната ситуацијата во која се наоѓа неговото семејство но и да покаже дека е решен да се бори до крај. Планирајќи како да го изведе невозможното, Џон нема супер моќи, тој е тотален аматер кој неколку пати е на работ да настрада поради своите постапки, а некогаш му фали и храброст да го изведе замисленото. Но најважно од се е што е упорен и не се предава.
Вториот дел од филмот е повеќе акционен и тука како и во секоја акција има малку претеризам, но она што ми се допадна е што тензијата трае долго време и не попушта. Неизвесноста трае до крајот.
За крајот исто сакав да пишам збор два ама друг пат, од разбирливи причини.
Одлично одглумено од Расел и Елизабет, одлична музика (инструменталниот дел) кој му даде филинг на филмот, две многу неадекватни песни кои ги уфрлија на сред филм, не знам зошто... Тука беше и Брајан Денехју, човек кој го имам видено во 100 филмови и во сите изгледа исто, едно 20 години наназад. Зборуваше помалку од Тивкиот Боб а кажа многу.
Инаку во Холивуд изгледа стана мода да се прави римејк на странски филм само 2-3 години откако ќе излезе оригиналот. Очигледно се следи се што е добро во Европа па и пошироко. Значи ова е римејк. Само мала препорака:
не читајте ништо за оригиналот на IMDB и не го гледајте трејлерот/спојлерот пред да го гледате филмот. Мислам дека ќе ви гу уништи филмот барем за 50%, со оглед на тоа што мене цело време ме држеше неизвесност што ќе се случува, а во трејлерот се си е раскажано, уште крајот фали. Така да не очекувам на тие кои го гледале трејлерот да бидат изненадени во било кој дел од филмот и невозможно е да имаат вистински впечаток.
Од мене,
9/10, може малку субјективно ама како што кажав 2-3 пати до сега, навистина уживав во филмот.