Star Trek (2009)
Дакле:
Кирк и компанија во 1966:
Кирк и компанија во 2009
Како фан на Стар Трек успеав да издржам цели 4 месеци и нешто додека филмов конечно излезе на ДВД - Рип и со тоа малку ќе можам да ја надоместам загубата што не можам да го гледам во кино.
Да не должам многу: I Like It!
Филмот е (барем така беше најавен) "prequel". Кој ги гледал оригиналните Стар Трек знае за легендарната посада на легендарниот Џејмс Т. Кирк на бродот Enterprise. Ова е (беше најавено како) приказна за нивните први чекори на Enterprise. Исто така, добрите чичковци од преку океанот кои навреме си го гледаа филмот во кино тврдат дека ова е најдобриот "prequal" (филм предходник) на сите времиња. Јас се согласувам, ако е "prequal". Филмот зборува за младите Кирк, Спок, Ухора, Чехов, Сулу и останатите, па од таа гледна точка филмот е "prequal". Но филмот исто така се случува во изменета (алтернативна) реалност, со што животите на овие млади луѓе се малку изменете, но како и да е...
Јас одамна чекав на Стар Трек со специјални ефекти какви што филмот заслужува. До сега, Enterprise ќе го погодеа со неколку ласери, ќе се занишаше, ќе пукнеше некоја цевка, некого ќе го стресеше струја и уште малку ќе се гаѓаа со ласери... тоа беа одприлика ефектите. Новиот Стар трек има фантастични ефекти, посебно ова се однесува на делот кога се случува борба. Исто така, вонземјаните изгледаат подобро и поуверливо. За разлика од новите Star Wars, во кои малку претераа со ефектите па на моменти не знаев кој пие а кој плаќа, овде се е како што треба. Ефектите буквално го воскреснуваат Enterprise и ја прават неговата појава фантастична.
Покрај тоа, актерите се одлични, комплетно ги отсликуваат старите актери, си ја завршија работата на најдобар можен начин. Прв пат го видов и Ерик Бана во улога на негативец и тоа одлично го сработи, а во филмот се појавува и стариот (оригиналниот) Спок.
Самиот филм зборува за храброста на една млада посада која тргнува во истражувачка мисија а завршува на бојно поле против гигантски и надмоќен противник. Мисија која полека - полека ќе оформи една група на млади луѓе кои не се познаваат во легендарна посада на бродот.
Самата содржина не е којзнае што, се се случува прилично брзо, како што е и во старите Трек филмови. Разликата е што овој нов Стар Трек е многу подинамичен, се чувствува тензија на бродот, постојано нешто се случува, има многу повеќе акција. Уште една добра работа е што нема многу реченици од типот: „ако го исклучам менорфизаторот можеби ќе постигнам секундарна триангулација и ќе ги вратам фрозоните во хезотична состојба...“ Не, во овој Стар Трек се зборува на лесен англиски јазик
Е сега, филмот има 8.3 на IMDB но и многу единици и десетки кај фановите на Стар Трек кои се или воодушевени или смртно разочарани. Јас сум од првите и мислам дека народски речено вторите го тупат многу. Де содржината не била којзнае што (а што очекувавте?), де немало научно-истражувачка компонента (ако имаше ќе кажеа филмот дека бил досаден), и секогаш актуелниот проблем: Time travel ефектот и последиците (зошто сега ова, зошто не она).
Едноставно, многу си го замараат мозокот а ова не е (и Стар Трек никогаш не бил) за замарање мозок. Некои критики читав дека ова бил полош филм од старите Трек филмови. И јас сум фан, ама дајте искрено: сериите се ОК, филмовите се досадни. Старите Трек филмови се како една дупла епизода од сериите, непотребно продолжена.
Значи, не сакам со рецензијава да ви ги подигнам до максимум очекувањата и да се разочарате. Мене лично ми се допадна многу. Добив се што очекував: ефекти, глума, акција... и што е најважно, Стар Трек се враќа на голема врата. Кој очекува нешто друго, може и да не му се допадне.
Од мене,
9/10 и препорака за гледање.
LIVE LONG AND PROSPER!