Kako be "makedoncki" da ne go otkriesh dosega ovoj "bugarofil".?????? Chitaj shto pishuva-ti ja omalovazuva "borbata" , veli si reagiral na sekoj prdez .......
БАЛКАНСКИ ПОЛИТОСКОП
Добрососедски глупости
Работата е што сите се ставени во улога на статисти и декор за да се докаже теза за која нема доказ. Едно водителите, друго соговорниците. Но намерата е провидна:ајде да побараме и ние дел од колачот што и другите го бараат од БЈРМ
Ако во Софија некој, да ми простите, отпушти малку антимакедонски гас, нашите медиуми веднаш го намирисуваат тоа и, се разбира, тоа е медиумски спектакл.
Не дај Боже, пак, овие долу, во Јужна или Долна Македонија, како сакате, на пример, „Катимерини“ или „Та неа“ и слично да треснат нешто антисеверно македонски, медиумите исто така не навлекуваат на „лексилиуми“ и „апаурини“. Ама, ако пак оние од нашата матична Северна Србија треснат иста таква глупост за нас - Јужносрбијанците, тогаш тоа не се забележува. Или, пак, барем, никој не реагира. Реагира само претседателот, по службена должност. На пример.
Србија (во досегашните односи со нас - СФРЈ, па СРЈ, па СЦГ и на крај РС без ЦГ, односно МНЕ, ни го изгонува амбасадорот, ние се разбира - како добра сосетка - не реагираме. Всушност, реагираме многу позитивно третирајќи го нивниот амбасадор, кој навистина е наш пријател и го заслужува тоа, како персона мулте грата. Потоа, по еден месец, токму во стилот на комиката на Бранислав Нушиќ, познат скопски боем и комедиограф, српскиот претседател изјавува дека Македонците треба да именуваат свој амбасадор. А нашиот претседател секавично реагира и изјавува: Многу добар знак! Ретка шанса да ги подобриме односите со нашиот северен сосед.
Чисти неумности на кои нашите пријатели, „Монтенегринците“ се смеат, зошто ним не им ја понудија истата шанса. Но, нашиот претседател малку заборавил дека не сме ние оние што сме ги нарушиле дипломатските односи со Северна Србија или бившата СРЈ без ЦГ, бидејќи, според српската терминологија, ние сме се' уште - Јужна Србија или барем БЈРМ. Според другите: Северна/Горна Македонија, Источна Албанија, западно- бугарски предели. И што е сега проблемот со Јужна Србија? Во вторникот, државната РТС, емитува едночасовна репортажа за Србите во Македонија. Смислата е Србите во својата татковина, додуша во јужниот дел на татковината, репресирани, понижени, навредени, без стандард, без човекови права, образование, без култура, медиуми, радија, телевизии. Економски слаби, невработеност голема, материјално ниво за никаде и слично. Чисто случајно ја гледам емисијата и не верувам дека некој кај нас, нека е кај нас или, пак, да се чувствува во Јужна Србија, дали таков материјал, изјава, интервју. А тоа - вистина - така.
Вешто срочена и диригирана емисија. Токму во времето кога ние изјавуваме дека треба да ги подобриме односите со соседот што ги прекинал односите со нас. Што вели емисијата, стручно, инаку исклучително убаво намонтирана? Ја репресираме Српската православна црква и нејзиниот охридски архиепископ Јован Вранишковски ( во гроплан оној шверц-мантијаш); потоа, сме ги избришале Србите од Уставот 1991, а сме ги впишале Албанците и Ромите, а потоа, сме ги мазеле истите тие, а сме ги игнорирале и запоставиле - Србите. А ептен сме ги запуштиле српските воени гробишта, особено во Битола. И потоа, следува ТВ-снимка од која се гледа дека воопшто не е така.
И потоа, следува интервју со неговата екселенција, конзул или почесен претставник на Србија во Битола, кој изјавува дека е голем пријател на Србија, и многу се дружел со српски пријатели, особено кога одел на седници на Ракометниот сојуз во Белград. Потоа, во емисијата следува блок дека Србите немаат свои школи во Македонија, а немаат ниту свој театар, а дека се 200.000 во Македонија и имаат само половина час радио и ТВ-време, додека Албанците имаат 12 часа. Каде го изброија сето тоа, не ми е јасно.
Потем, кратко интервју со пратеникот (?) Стоиљковиќ, кој вели дека не е толку лоша ситуацијата на Србите во Македонија, ама дека е потребно многу време, а тој лично е само седум години „во оваа работа“. Потоа повторно една секвенца лелекање и жалопојки за судбината на Србите, немаат своја литература, па разединети се, па сиромашни и повторно - жртви на македонскиот национализам. Пак некое интервју со селани од Кучевиште и пак никој не се жали. И потоа митралески рафали: а како се чувствувате како Срби? Дали ве одродуваат, ве асимилираат? Што сте вие по чувство? Го прашуваат академикот Урошевиќ: А што сте вие? Владо, пак, како да го прашал некој новинар од Марс, отпуштено одговара: Јас сум македонски писател со српско потекло! А Марсовецот разочаран. И се' така, за да се покаже репресијата и речиси геноцидот врз Србите во Македонија.
Рака на срце, ниту еден соговорник во емисијата, не рече ниту еден збор лош или неточен, дури никој не се ни пожали на нешто посебно или на нешто што му го прават затоа што е Србин. Работата е што сите се ставени во улога на статисти и декор за да се докаже теза за која нема доказ. Едно водителите, друго соговорниците. Но намерата е провидна: ајде да побараме и ние дел од колачот што и другите го бараат од БЈРМ. Полифоничната и раштимана оркестрација се комплетира.
Кој, пак, овде постави прашање каде ли се Македонците во српскиот устав? И каде се изгубија стотиците илјади овдешни во Србија и каде отидоа македонските училишта и библиотеки итн? И дали црковното прашање е само црковно прашање или и директно го повредува државниот суверенитет на оваа земја, а со благослов, а и буџетски средства од драгата ни сосетка. И дали може за се' да се обвинува само Милошевиќ? Пред дваесет и две години беше објавен меморандумот на САНУ, концепцијата на големосрпска Југославија и воведот во крвавото инферно на овој простор. Не е јасно како по сета таа катаклизма од која страдаше пред се' српскиот народ, некој не извлекува поуки денес?
Димитар Мирчев (Авторот е професор на ФОН)
http://www.dnevnik.com.mk/?ItemID=802823ECB1914246A6EAC4F3AA9C2077