И Владата и СОНК останаа на своето - хаос во училиштата
26.11.2008 09:13 Цветановски: Има силни притисоци да се прекине штрајкот
Претставниците на Владата и СОНК доцна синоќа на вонредната седница на Синдикатот не постигнаа договор за синдикалните барања. Седницата ја свика лидерот на СОНК Дојчин Цветановски поради притисоци да се прекине штрајкот. На седницата присуствуваа вицепремиерот Зоран Ставрески, министерот за образование Перо Стојановски и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
„Секогаш сме ве респектирале и сме разговарале професионално. Свесни сме дека нивото на плати се ниски, свесни сме дека во образованието тие се посебно ниски, свесни сме дека надоместот за храната и превозот не бил зголемен десет години, но во најголемата светска криза во последните 80 години вие барате од утре да почне. Пред една година сметавме дека економијата ќе расте, знаевме што може да исполниме и ги исполнивме работите се до септември“, им рече вицепремиерот Ставрески на претседателот Цветановски, на членовите на Синдикатот и на претседателите на регионалните одбори на СОНК, кои присуствуваа на седницата.
Состојбата утрово во училиштата е хаотична, во некои се работи и има редовна настава, во други учениците доаѓаат па се испраќаат дома или имаат воннаставни активности. Штрајкувачите, исто така, не се информирани за следните потези на СОНК. Претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура утрово е недостапен за изјава, а претпладнево е закажана прес-конференција.
Генералниот штрајк почна во понеделникот. Советот на СОНК одлуката ја донесе во саботата по неуспешните преговори со Владата за исполнување на нивните барања. СОНК бара најдоцна до крајот на годинава да бидат потпишани колективните договори за дејноста згрижување и воспитание на деца, за високо образование, за наука, измените и дополнувањата на колективниот договор за култура, и сите да се применуваат од први јануари 2009 година.
Надоместот за храна да изнесува 20 проценти од просечната плата во државата и да се применува од почетокот на следната година, а надоместот за превоз да биде во висина на реалните трошоци што работникот ги плаќа за одење до работното место и враќање дома. СОНК, исто така, бара на вработените со подолг ангажман на определено време работниот однос да им биде трансформиран во неопределено време.
Во некои училишта се работи, во други учениците се испраќаат дома
Претседателството на Здружението на директори на средните училишта за штрајкот на СОНК
Претседателството на Здружението на директори на средни училишта и ученички домови во Република Македонија „Лидер“ денеска ќе одржи состанок во проширен состав за да изгради став за штрајкот во образованието организиран од СОНК.
„Свесни за последиците од прекинување на наставата, во момент кога во училиштата се имплементираат многу штотуку донесени закони и правилници, се подготвуваат обуки за наставниците, се завршува првата фаза од подготовката за матура 2008/2009, загрижени сме со неизвесноста од траењето на штрајкот, како и од контрадикторните изјави на двете страни - Министерството за образование и наука и СОНК, кои во суштина треба да продолжат со преговори во интерес на нашите ученици“, соопшти Горица Илијоска, претседателка на Здружението „Лидер“.
IZvor : a1.com.mk