Улогата на Претседателот во прашањето за името е срамна и надвор од секоја логика - реагира вториот член на македонскиот преговарачки тим Мартин Протоѓер, откако на брифинг во кабинетот на Црвенковски беше наречен политички комесар и гестаповец кој за време на преговорите со Нимиц го имал главниот збор.
Го повика Претседателот да не го злоупотребува процесот на преговори за добивање политички поени.
Претседателот не го интересира тоа што со отповикувањето на Димитров се уриваат позициите на земјата, за него најважно е да најде тема со која ќе се врати во политиката, пишува Протоѓер во соопштение доставено од владината прес канцеларија.
Му се налути на Димитров оти на овој на последната координација му кажа дека греши и дека анализите и проценките му се лоши.
Му кажа дека е јасно дека Грција не сака компромис.
Оттогаш наваму не контактираа.
Црвенковски не креваше слушалка и не го примаше на средба Димитров за да слушне што Нимиц му пренел на последната средба, вели Протоѓер.
За него е нелогично Претседателот да го разреши Димитров за да ја натера Владата на единство, а во исто време да бил задоволен од неговата работа.
Тој е уверен дека граѓаните ќе ја прочитаат играта на Претседателот кој ја набедува Владата за неодговорно однесување и дека граѓаните ќе се сетат што оставил зад себе Претседателот во последниве 17 години.
И покрај низата навреди, Протоѓер решил да не одговори со навреди затоа што припаѓа на друга генерација која има различни вредности.
Тоа што го прави во моментов Црвенковски, нека се запраша само кому му одговара, кој добива од ова, што добива Македонија, а колку губи? Само ќе го потсетам, јас не сум Гестапо ниту Гебелс, ниту политички комесар. Но, тој е сепак Бранко, вели шефот на кабинетот на премиерот Груевски.