Од час во час се менуваат работите во Работнички па и во Вардар. Откако досегашниот спонзор од завчера и официјално се пресели во таборот на "црвено - црните", шампионот доби нов прв човек во името на еден од нашите најпознати адвокати Драган Поповски, некогашен фудбалер на Работнички. Па така ако имаше една стратегија пред два дена, од вчера, поточно од денеска таа се менува и има нова, веројатно многу подобра за сите па ако сакате добитна за сите. За Работнички, Вардар, за новото раководство на шампионот, спонзорот на Вардар и сите љубители на фудбалот кои ги сакаат овие два скопски клуба.
За што станува збор?
На 16 јуни (понеделник), во 18 часот прозивката на шампионот и стартот на подготовките ќе ја одржи Чеде Јаневски, нашиот стратег кој долго време работи како тренер во Белгија или Србинот Ратко Достаниќ, кој исто така е сериозен кандидат за тренер на Вардар (Работнички). Новиот договор меѓу екс претседателот на шампионот (Костовски) и новиот (Поповски) е дека нашиот шампион во квалификациите во Лигата на шампионите мора да се претстави со најдобриот можен тим.
А како ќе се дојде до тоа?
Новиот тренер, рековме Јаневски или Достаниќ, ќе направи список од најдобрите од двата тима (дознавме дека првичните листи се готови, има по 10-12 фудбалери од двете екипи) и ќе направи еден квалитетен тим на Работнички кој ќе има добри шанси да се пласира во второто или третото квалификациско коло во ЛШ. Во моментот семејството Костовски ќе доведе наш тренер во "ослабениот" Вардар, кој ќе работи со екипата до завршувањето на евро - одисејата на шампионот, најверојатно тоа ќе трае до септември. А потоа сите фудбалери од тој квалитетен тим на Работнички се селат во Вардар, се разбира со Јаневски или Достаниќ како тренер. А овој на Вардар, тој што ќе ги предводи "црвено - црните" во летните подготовки заедно со тимот се селат, пак, во Работнички. Во случај, пак, ако се случи сензација, ако Работнички влезе во групите на Лигата на шампионите тогаш оваа трансформација или преселба ќе се случи во јануари. Значи сите добиваат, сите се задоволни. Ова семејството Костовски му го должи на Работнички и затоа според нивните зборови с$ ќе стори достојно да го претстави во фудбалска Европа. Се разбира дека тука не треба да се занемарува и финансискиот аспект. Имено, што подобар пласман во Европа повеќе пари за сите.
Ете ова е новиот договор. Ова ни го потврдија и Драган Поповски, новиот претседател на Работнички, како и новите предводници на Вардар. Само треба на заеднички состанок кој ќе се одржи оваа недела Драган Поповски и Коста Костовски да ги утврдат деталите.
Кој ќе биде новиот тренер на шампионот?
Ако се знае дека во Вардар нов тренер (од септември) ќе биде Чеде Јаневски или Ратко Достаниќ тогаш со право се прашуваме кој ќе биде новиот тренер на Работнички (исто така од септември). Чаршијата веќе почна да шпекулира со имиња, се споменуваат Никола Илиевски, Ѓоре Јовановски, Зоран Стратев, Зоки Смилески и др. Исто така се споменуваат и имиња од Србија.
"Ништо од тоа не е точно. Јас не сум разговарал со никого, а за шпекулациите не сакам да коментирам. Луѓето имаат право да си говорат што сакаат. Вистината е таа дека досегашните први луѓе на Работнички и тоа како се прашуваат кој ќе биде тренер на Работнички. Тоа е нормално зошто најмалку шест месеци тој тренер треба да го води Вардар", ни изјави Драган Поповски.
Трансформацијата, во јануари
Амбициите на Поповски се од Работнички да направи клуб кој ќе биде при врвот на мак - фудбалот. По најновите случувања и преговори стратегијата на Поповски ќе биде малку поинаква. Имено, целосната трансформација ќе биде извршена, најверојатно, во јануари или идната пролет. Дотогаш Поповски и новите луѓе во клубот би требало да ја имаат поддршката од досегашното раководство барем на финансиски план зошто да не заборавиме договорот на "Кометал" со Работнички трае до 2011 година. Но сето ова ќе трае до јануари или јуни, а потоа Поповски и неговиот раководен тим ќе добијат чиста ситуација на задоволство на сите.
извор