Најнови информации за концертот во чест на Тоше
Настапот на сите до сега најавени имиња на пеачите - Калиопи, Симон Трпчески, Синтезис, Наум Петрески, Адријан Гаџа, Леонтина, Биља Крстиќ, Бојан Маровиќ, Владо Георгиев, Жељко Самарџиќ, Гоца Тржан, Тони Цетински, Аки Рахимовски, Маја Татиќ, Виталиј Козловски, и други пријатели на Тоше од сите земји од просторите на поранешна Југославија и Украина е потвден, со исклучок на Тифа, кој како што рече, нема да може да ни се придружи од емотивни причини, како и Ања Рупел, која искажа длабоко жалење и се извини што не може да биде дел од концертот, заради закажаното снимање.
Од друга страна, дополнително, учеството го најави Игор Дурловски кој успеа да ги одложи своите обврски. Игор ќе ја пее - Го лажам секој твој рефрен – јавуваат организаторите на концертот во чест на Тоше!
Заради порано закажаните концерти во Холандија, на концертот нема да може да учествува и Есма Реџепова.
Од пејачите Аки Ракимовски е веќе во Скопје, а останатите, освен Руслана, која доаѓа на 5-ти октомври, пристигаат на 4-ти, кога ќе се одржи и заедничката проба со оркестарот на Македонската Опера и Балет, под диригенство на маестро Саша Николовски Ѓумар, како и бендот на Тоше.
Највената техничка опрема која ќе ја зголеми спектакуларноста на настанот е веќе во Скопје од 2-ри октомври, од кога се работи на нејзино поставување на Градскиот стадион.
Сцената е со големина 17 на 12 метри и се користела на белградска Евровизија, како и озвучувањето и осветлувањето. Лед-екраните, со кои ќе се постигне висока резолуција на сликата, а по прв пат се во Македонија, се во големина 100 метри квадратни и донесени се од Загреб.
Воедно, како и за сите претходно концерти на Тоше на стадионот, за да се заштити тревната површина се поставува специјална порта-флор - подлога преку целата зелена површина. Вип делот ќе биде пред самата сцена, каде се планира да се постават столчиња. На организацијата на овој меѓународен хуманитарен концерт во чест на Тоше, ангажирани се над 200 лица, не вклучувајќи ги уметниците.
Комплетната техника е обезбедена од страна на истите фирми со кои соработувале Тоше и неговиот менаџерски тим, а кои учествуваат и со лична поддршка во прилог на успешната реализација на настанот.
Интерсесно е што по испраќањето на понудата за преземање на пренос од концерот од страна на МРТВ до сите членки на ЕБУ, во рок од 15 минути, прва се јавила Кипарската национална телевизија. Инаку на медиумите кои го преземаат преносот им е напоменато дека не смеат да емитуваат реклами за неговото време траење и дека им е дозволен само пренос на 5-ти октомври и една одложена снимка, најдоцна до 6-ти ноември 2008.
Хуманитарната мисија во своите земји, преку отворање донаторски броеви за време на концертот, ја преземаат повеќе медиуми, како хрватската СМС (Croatian Music Canal), босанската ТВ Хајат, Црногорската МБЦ, српските Пинк и Свет плус и бугарската Балканика.
Од босанското радио Зенит, веќе најавиле дека средстават собрани преку бројот за донации ќе ги донираат на Меѓународната Фондација Тоше Проески.
За Македонија, фондот за хуманитарната цел на концерот ќе го сочинуваат средствата од влезниците, како и донациите преку отворените броеви од Македонски Телеком, Т-Мобиле, Космофон и ВИП на бројот 143-100, преку кој граѓаните ќе можат да донираат по 100 денари.
Хуманата цел, за Македонија, во зависнот од вкупниот собран фонд ќе биде одлучена по настанот, од страна на комисија сочинета од претставаници на Меѓународната Фондација Тоше Проески и Министерството за Култура на Република Македонија, во име на продолжување на хуманите начела на Тоше.