Се уште не е комплетиран списокот на учесниците на концертот во чест на Тоше!
На концертот што во спомен на Тоше Проески ќе се одржи на 5 октомври, на Градскиот стадион во Скопје, ќе биде поставен најголемиот видеобим на Балканот, кој беше користен на годинашниот Избор на песна за Евровизија во Белград, дознава Дневник.
Според информациите до кои дојде весникот, бината на која ќе бидат сместени симфонискиот оркестар и учесниците, ќе биде грандиозна и на неа ќе бидат поставени 250 лед-екрани.
Чекајќи ги официјалните информации за големиот концерт во чест на легендарниот македонски пејач, во српските медиуми се шпекулира со имињата на учесниците што ќе настапат на оваа манифестација.
Веќе пренесовме дека, според белградски дневен весник Прес, на сцената ќе се појават пејачката и авторка Леонтина, грчката ѕвезда Ана Виси и Иван Плавшиќ. Менаџерката на Тоше, Лилјана Петровиќ за Дневник ни изјави дека официјалниот список со учесници се' уште не е дефиниран.
Грчката ѕвезда Ана Виси нема да пее и не е потребно да се шпекулира со имињата на учесниците додека не биде комплетиран списокот со изведувачи. Точно е дека на сцената ќе се појави Иван Плавшиќ, кој е дел од хуманитарната акција Големо срце и им помага на талентите со инвалидитет и функционира во рамките на Фондацијата на принцезата Катарина Караѓорѓевиќ.
Лани се договоривме Тоше да биде вклучен во оваа акција со одржување хуманитарни концерти во 2008 година. Мојот ангажман и помошта што ќе ја пружам во оваа акција се со единствена цел - да го одржам ветувањето на Тоше. Шест години бев негова менаџерка. Се' што ветив, исполнив – изјави Петровиќ.