Штипските ветерници помоќни од сите хидроцентрали
Капацитетот на 50 ветерници е 10 проценти од вкупното домашно производство на струја
Иван Бојаџиски
Штип - Македонија има дефицит во производство на електрична енергија, па од исклучително значење е конечната решеност на шпанската компанија „Инвал“ да гради ветерници за производство на струја во атарот на општина Штип. Во „ЕВН Македонија“ проценуваат дека најавената инвестиција на Шпанците во инсталирањето педесет ветерници со вкупен капацитет од 150 мегавати електрична енергија ќе го подобри домашното производство за десет проценти.
„Вкупниот производствен капацитет на електрична енергија на Македонија изнесува 1.500 мегавати. Информациите дека ветерниците што ќе ги инсталира шпанската компанија во Штипско по Нова година се со производствен капацитет од 150 мегавати говорат дека Македонија ќе го зголеми сопственото производство за десет проценти. Во услови на голема увозна зависност, тоа е повеќе од одлична вест“, ни изјави Ленче Карпузовска, портпарол во „ЕВН Македонија“.
Според Карпузовска, најавените педесет штипски ветерници се со четирипати поголем капацитет од сите македонски хидроцентрали заедно, кои по извршените ремонти и реконструкции, имаат вкупен капацитет од четириесет мегавати.
„Треба да се има на ум и тоа дека ТЕЦ ’Неготино‘ е со капацитет од 210 мегавати, само 60 мегавати повеќе од капацитетот што се најавува за ветерниците во Штипско“, вели Карпузовска. Добрата вест во случајот со ветерниците е дека тие работат на ветер, кој е обновлива, вечна и еколошки чиста енергија, додека термоцентралата кај Неготино троши скапа енергија (мазут) за да произведе струја.
Шпанци, Германци, Австријци, Руси, Французи минатата и оваа година доаѓаа во Штип, Свети Николе и во Радовиш, при што со локалните раководства ја разгледуваа можноста за инсталирање ветерници. Некои од нив за лобирање кај градските власти ангажираа и познати личности од Македонија, како што го направи тоа една шпанска фирма со ангажманот на познатиот ракометен тренер Веселин Вујовиќ. Австриската „Нова енергија“ во почетокот на минатата недела во Радовиш бараше локации за изградба на петнаесет ветерници. Од компанијата најавија подготвеност веднаш, откако ќе се потпишел договорот, да започнат со инсталација на ветерниците.
Летоска во Свети Николе престојуваше поголема делегација на англиско-израелската компанија ЕИЏ, која во Полска има изградено повеќе фарми на ветерници од кои полското електростопанство добивало 600 мегавати струја. Дејвид Браун, претседател на компанијата, тогаш даде интересна изјава. „Светот е пред вистинска енергетска револуција. Тој се' повеќе се свртува кон т.н. зелена енергија, како што се ветерот, сонцето, геотермалните води, биогасот. Во компанијата имаме сателитско истражување на ветровитите и сончевите подрачја во Европа. Заклучивме дека Македонија има исклучителни ресурси на ова поле. За почеток би сакале во Овчеполието да стартуваме со 90 ветерници чиј капацитет подоцна ќе го утврдиме. Наша цел е на ова ветровито подрачје да инсталираме повеќе ветерници, по што Македонија сосема ќе ја елиминира својата увозна зависност. Конечната цел не' води кон тоа југоисточниот дел од Македонија да го покриеме со сончеви колектори за производство на електрична енергија. Во тој процес подготвени сме да вложиме една милијарда евра“, рече првиот човек на ЕИЏ, чие седиште е во Лондон.
Шпански „Инвал“ и Општина Штип договорија потпишување на конечниот договор за изградба на првите ветерници до крајот на годинава, а веднаш потоа да се стартува со изградбата.