Вашингтон е, сепак, свесен дека е практично невозможна мисија Атина да се натера да попушти и да дозволи влез на земјава под референцата „Поранешна Југословенска Република Македонија“. Според високи дипломатски извори, Вашингтон очекува од Македонија да даде конструктивен одговор на новиот предлог што преговарачот Метју Нимиц ќе им го презентира на двете страни, најверојатно, во септември за да може да се интензивира грчко-македонската потрага по компромис. За американската дипломатија, конфликтот помеѓу Грузија и Русија отвора процеп и за решавање на македонско-грчкиот спор во определен и многу кус временски рок. Неофицијално, Вашингтон ќе и' даде на Македонија рок да го реши прашањето за името, за да може да се активира условената покана од Букурешт. Во дипломатски кругови, дури се шпекулира со крајот на септември како последен рок, со објаснување дека и по решавањето на спорот, на Македонија ќе и' требаат два-три месеци преговори за зачленување во НАТО. На самитот на НАТО во Букурешт, освен поканата за Македонија, пропаднаа обидите на американската администрација на Грузија да и' се понуди конкретен рок и задачи за влез во НАТО, поради противењето од Москва. САД и многу земји-членки на алијансата сметаат дека е од огромно значење токму во овој момент на Русија, преку конкретен пример, да и' се демонстрира дека НАТО е организација што не дозволува никој, ниту однадвор ниту одвнатре, да одлучува против волјата на мнозинството и да блокира влез на нова земја-членка. Таков случај е токму Македонија