Заев: ако јас сум криминалец, тогаш и Груевски е
„Дали Никола Груевски направи криминал кога без јавна набавка, во четири очи склучи договор за јавно-приватно партнерство со Агрокор и дали тоа значи дека Груевски ќе го дели годишниот промет од 15 милиони евра со Агрокор?“
Ова е првата реакција на Зоран Заев, потпретседател на СДСМ и струмички градоначалник, после изјавите на власта дека неговата аболиција оставила простор за сомневање во неговата невиност.
Тој го повика премиерот Груевски, или кој бил претставник на власта кој е запознаен со деталите од случајот „Глобал“, на јавна дебата.
Струмичкиот градоначалник обвини дека целиот случај бил монтиран и тоа од највисокото раководство, а изјавите на Груевски, Маневски и комерцијалните огласи од МВР со неговото обвинение ја потврдиле “фрустрацијата од срамната организација на власта“.
Заев обвини дека предметот за него бил воден уште пред година и пол, под работно име „Зајче“ и тоа од тројца инспектори на МВР. Јавното обвинителство на два пати го враќал предметот со образложение дека нема докази. Предметот сепак бил активиран по информациите во јавноста дека тој би можело да биде новиот претседател на СДСМ.
За потпретседателот на СДСМ не е јасно зошто, ако немало притисоци од власта, кривичниот совет не одреди притвор за него и неговите соработници уште при првото одлучување. Заев тврди дека двапати укината одлука на истражен судија е преседан во македонското судство. За него останува и нејасно, зошто е расрешена јавната обвинителка која го водела случајот.
„Прв пат се случува МВР преку платени комерцијални огласи од народни пари да објавува кривични пријави. А, слушајќи ги изјавите на Маневски и Груевски се добива впечаток дека се судии во предметот и дека ги знаат сите детали од него“, посочи Заев.
Тој објасни дека земјиштето на кое е изграден трговскиот центар на местото каде порано се наоѓал пазар било предмет на денационализација, која завршила со пресуди на апелационен суд и во која сопствениците веќе два пати биле обесштетени.
Заев рече дека за целиот проект не е потрошено ни денар од струмичката каса и дека Глобал е изграден по пат на јавно-приватно партнерство кое транспарентно било објавено, па затоа и немало потреба од постапка за јавни набавки и тендер.
Според него не била потребна ни дозвола за изградба од Владата и покрај тоа што земјиштето е во сопственост на државата бидејќи било дадено на користење како градежно земјиште на јавното претпријатие “Комуналец – Струмица“. Заев тврди дека право за градба врз земјиштето јавното претпријатие од 1987.
„Зарем требаше домати и пиперки да садиме таму?“, прашува Заев.
За осумте милиони евра проневера Заев вели дека тие била парите од продажбата на дуќаните од страна на инвеститорот кој дал 13 милиони евра за изградба на објектот.
Струмичкиот градоначалник вели дека после помилувањето неговата политичка кариера нема да згасне оти нема зошто. Според него поддршката е уште поголема што докажуваат и 30.000 собрани потписи додека беше во притвор.
Заев не сакаше да ја коментира одлуката за аболиција на претседателот Бранко Црвенковски, но тој рече дека ја прифатил ваквата уставна можност на претседателот бидејќи не верува дека после монтираниот процес, судиите ќе биле независни.
“Не верувам дека аболицијата политички ме дискредитира“, вели Заев,
Тој не ја исклучи можноста да се кандидира за претседател на СДСМ на идниот партиски конгрес.
“СДСМ сега е во таква состојба поради која се договоривме на идниот конгрес да имаме само еден кандидат. Не е дефинирано кој тоа ќе биде. Ако доколку тоа го побара членството и партијата ќе се кандидирам“.