„ЧИСТИ“ ИЗБОРНИ МАТЕМАТИКИ
Во Кондово сите гласови за Тачи, во Зајас за Ахмети
Ако се погледнат записниците, се гледа дека и ДУИ и ДПА имаат вистински изборни „бисери“
ДПА и ДУИ на последните избори си ги поделија Танушевци и Брест, двете погранични места во општината Чучер-Сандево. Во Танушевци, во кое на избирачкиот список се наоѓаат 706 лица, гласале 640, односно 90,65 отсто, од кои 635 гласачки ливчиња биле важечки. ДУИ освоила 603, а ДПА 32 гласа. Брест, пак, „го освои“ ДПА. Од 496 запишани избирачи, сите го искористиле своето граѓанско право, а сите 457 важечки ливчиња и' припаднале на партијата на Мендух Тачи.Двете избирачки места и очигледните манипулации на изборите претставуваат најдобра илустрација за изборните марифетлаци на двете партии, кои упорно меѓусебно се обвинуваат за кражба на гласовите и за изборни нерегуларности. Но, за волја на вистината, ако се погледнат записниците, се гледа дека и едните и другите имаат вистински изборни „бисери“. Разликата е само во финеси. ДУИ е за нијанса „пософистицирана“, па калкулира со излезноста. Ако некогаш играше на стопроцентна, сега се придржува на просекот од 50-60 отсто. Односот на ДПА е стандарден - максимална излезност и максимална поддршка од избирачите.Највпечатливи кај ДПА се податоците во Првата изборна единица од Кондово, Горно и Долно Свиларе, Рашче... На избирачкото место 2451 во ОУ „Бајрам Шабани“ во Кондово, на избирачкиот список се евидентирани 1.292 лица. Од нив, 1.210 излегле на гласање, односно 93,65 отсто. Од важечките 1.189 гласачки ливчиња, ДПА добила 1.182, а ДУИ само 7. Во избирачкото место 2452 во истото училиште резултатот е уште „подобар“ за ДПА. Таа ги освоила сите важечки 1.138 гласови, а ДУИ не добил ниту еден глас. Идентична е сликата во Горно и Долно Свиларе, различни се само бројките.ДУИ своите „светли точки“ ги има во општините Зајас, Осломеј, Кичево, Чаир, Струга... Во избирачкото место број 754 во Мамудовци, Општина Кичево, на избирачкиот список се наоѓале 312 лица. На избори излегле 169, т.е. 54,17 отсто и од нив 166 се за ДУИ, а само двајца за ДПА. Избирачко место број 784 во Туин, Општина Осломеј, има само 136 запишани избирачи. Од нив, гласале 68 и сите, освен тројца, биле за ДУИ. Рекордни резултати во сооднос 799:9, 745:7, 323:9, се забележани во Србица, Арангел, Црвивци, Стрелци...