Шеќеринска: Незнам кој заминал во Скопје, кога цел Ресен изгледа дека е на овој плоштад
Неделата на 25 мај, се одржа голем митинг на преполниот плоштад во центарот на Ресен. Неколку илјади жители од Преспа излегоа на митингот да ги поздрават кандидатите на Сонце – Коалицијата за Европа.
На граѓаните им се обратија ресенскиот кандидат за пратеник, Славица Божинова, носителот на листата Јани Макрадули, претседателот на ЛДП, Јован Манасијевски, како и претседателот на СДСМ, Радмила Шеќеринска.
“Премиерот го заборави проблемот со Преспанското Езеро, ги заборави училиштата, ги заборави болните луѓе. Во 2006-тата дојдоа на власт со програма во која на Ресен му ветуваат автопатска делница помеѓу Ресен и Охрид. Поминаа 18 месеци – од патот ни трага ни глас” рече ресенскиот кандидат за пратеник, Славица Божинова.
“Ќе ни отворел народни кујни во Ресен, ние од ова место ќе им порачаме дека во Ресен и ресенчани и преспани не сакаат народни кујни, овој народ е вреден и трудољубив , сака да работи да живее достоинствено со сопствениот труд, а не Никола да ги храни во народни кујни. Токму затоа овде попладнево сме заедно да им речеме стоп на обидите за перење на мозокот” рече Славица Божинова, кандидат за пратеник од Ресен.
Во меѓувреме турската партија на локално ниво во Ресен објави коалицирање со “Сонце – Коалиција за Европа” и им се придружи на ромските и неколку македонски партии кои на локално ниво ќе коалицираат со Сонце, а на државно со ВМРО-ДПМНЕ.
“Го повикувам мојот народ во Ресен и пошироко, на први јуни масовно да излезат на гласање, да го дадат својот глас за Коалицијата Сонце и да го заокружат бројот 4, затоа што тоа е најдоброто за нас. Оваа коалиција не е направена за сега, да не здружи, туку нашето вековно пијателство ја направи оваа коалиција. Тешко тие што чекаа избори за да направат коалиција, тоа е неприродно вештачки – како пороен дожд.” рече Наџи Таировски, од турската партија.
Јован Манасијевски ги обвини ВМРО-ДПМНЕ, дека во новата програма на чудата во 100 чекори зачленувањето во НАТО и ЕУ е ставено на исто рамниште со правење на репрезентација на Македонија со хокеј на мраз.
“Нашите определби се до крајот на оваа година преговори со ЕУ, до крајот на оваа година – членство во НАТО, до крајот на оваа година безвизен режим” рече Јован Манасијевски, претседател на ЛДП.
Манасијевски додаде, “Со гласот за ВМРО ДПМНЕ, остануваме на овој балкански слеп колосек, сите околу нас грабаат напред, гледате и Албанија прави џиновски чекори напред. Една Србија се определи за Европа. Истата Србија не надмина и на економски план, нивната просечна плата денес е 400 евра, а во Македонија никако да мрднеме од 250 евра. Затоа на први јуни изборот ќе биде дали ќе се определиме да влеземе во европската лига или ќе испаднеме во последната балканска лига во која ќе останеме само уште ние и Косово, тоа е изборот со кој ќе мора да се соочиме. Ова ви го велам крајно одговорно зашто само пред две години доколку некој ви речеше дека денес ќе се споредуваме само со Албанија и дека според многу параметри Албанија за жал е пред Македонија – немаше да верувате, ќе кажевте говорат повторно политичариве лаги и глупости. Меѓутоа со владеењето на оваа власт последниве две години тоа денес стана сурова реалност.” рече Манасијевски.
“Сега додека инфлацијата во Македонија е над 10%, во Албанија е само 4%. Сега куповната моќ на просечниот граѓанин на Албанија е повисока од просечниот граѓанин на Македонија. Тоа се суровите податоци, тоа е вистината на која што мора да им погледнеме во очи. Без разлика на безобразните реклами со кои досега во овие десет дена од кампањата потрошија 10 милиони евра, а минатата 35 милиони за владини реклами. На први јуни да им кажеме доста го крадевте овој народ, срамота, тие пари ќе знаеме да ги потрошиме на европски проекти.” заврши Јован Манасијевски, лидер на ЛДП.
Јани Макрадули, носител на листата во петката ја повика власта да не ги заплашува граѓаните и да го осуди последниот инцидент во кој беа издупчени четирите гуми на автомобилот, а истиот беше и сериозно оштетен кој е во сопственост на општинската организација на СДСМ.
“Незнам кој заминал во Скопје, кога цел Ресен изгледа дека е на овој плоштад” – рече Радмила Шеќеринска.
“Ова не се партии, кои зборуваат за заедништво и прават коалиција само за избори, немам дилеми ниту за Ресен, ниту за другите општини низ Македонија дека и турскиот, и ромскиот и влашкиот и српскиот и бошњачкиот народ ќе бидат овде, ги пуштија само претседателите на таканаречените партии да одат во онаа коалиција, ама граѓаните и гласачите остануваат на страната на Сонцето” додаде Шеќеринска.
Реакциите се дека ваков масовен митинг немало уште од 2002-ра на ресенскиот плоштад.