Стојче Ѓорѓевски повеќе децении ги регистрира демографските движења во Старо Село. "Повеќедетноста кај нас е традиција, но од 1960 до 2007 година беше прекината, поради масовните заминувања во Америка и во Канада. Само во Винзор и Детроит имаме 120 семејства, со вкупно 550 до 600 луѓе по потомство од Старо Село", нагласува Ѓорѓевски.
Благуња Апостоловска, 82-годишна старица, родила 6 деца.
"Ги растев голи, боси и со крпена облека. Напати ги хранев со гравче варено - недоварено, кое ќе им го принесев на ќерамитче како на чинија, откако ќе ги клекнев на земја за да јадат. Со бебето во колепка на рамо сум жнеела, ама кога ќе пораснеа, ги имаше доволно да работат - едно да пратиш по козите, друго по теленцата, а трето по дрва. Еднаш отидов кај моите 3 сина и 3 ќерки во Америка и ме пречекаа како да им дошол Тито на гости! Затоа велам, луѓето од околните села се сиромаси, а ние сме богати оти си имаме деца!".
Нејзиниот, сега починат свекор Трипун Богоевски е рекордер во Старо Село со 10 деца - 6 сина и 4 ќерки. Во селската евиденција е запишано и името на Драган Симовски со неговите 7 ќерки и едно машко дете.
Зоран Нешовски вели: "Ние сакаме да ги одржиме нашите корени. Ако се отворат нови работни места во овој крај, во кој сега стопанисуваат само индустријата за градежни материјали 'Вратница' и каменоломот со сепарација за песок 'Сурин', ќе се зголемува младата популација. Се плашам нашево и другите села целосно да не се испразнат ако задоцнат мерките за стимулирање на демографската политика".
Стојче Ѓорѓевски го дополнува: "Ако потрае ваквата безработица, тогаш Владата нека има на ум дека секој од ова село има по некој близок роднина во САД, кој може да му гарантира за доаѓање таму. Не би требало да се дозволи и по втор пат овдешниот природен прираст да се префрла преку океанот".
Свето Тоевски
http://www.vest.com.mk/default.asp?id=146875&idg=8&idb=2288&rubrika=Revija