наталитет во пелагониЈа
Секоја години се помалку ученици
</SPAN>
Белата чума беснее во Пелагонија. Само во последните десет години бројот на
новозапишани ученици во основното образование во Битолско се намалил за околу 4.000. Овие алармантни податоци ги обелодени Соколе Штраковски, началникот на подрачната единица за образование и наука во Битола.
- Во последните две години, откако јас сум на оваа функција запишани се
30 паралелки помалку во одделенската настава, што значи 30 наставници помалку и уште околу 20 наставници и професори од предметната настава во основното и средното образование. Но, сите нив ги заштитивме и не дозволивме ниту еден да остане без работа, иако бројот на учениците постојано се намалува, вели Штраковски.
Секоја година бројот на ученици се намалува, и тоа не само кај македонската популација, туку и кај другите етнички заедници во пелагонискиот регион. Така некогаш големото осумгодишно училиште во потпелистерското село Цапари денеска има само 66 ученици. Ова училиште од јули престана да функционира како правен субјект и денеска работи само како подрачно осумгодишно училиште во составот на централното "Елпида Караманди" од Битола.
Ништо не е подобра ниту состојбата во центрите за средно образование. Прогнозите говорат дека во новата учебна 2005-2006 година во средните училишта во прва година ќе се запишат помалку ученици од лани.
Слична е состојбата и во другите општини. Така на пример, во Прилеп во стручните училишта години наназад има проблем со запишувањето на нови ученици. Младите од селата кои основното образование не го завршиле како одлични ученици родителите најчесто и не ги пуштаат во средно училиште со образложение дека не им се исплаќа да трошат пари бидејќи и кога би го завршиле средното училиште нема никогаш да најдат работа. Така девојчињата по осмо одделение седат дома и чекаат некој да ги запроси и да се омажат, а момчињата, најчесто чекаат виза да заминат во странство или пак остануваат стари ергени, безделничејќи пред селските кооперации, без работна и животна перспектива.
- Во странство оваа појава ја нарекуваат "бела чума", а кај нас се уште се плашиме да го употребиме тој израз, па срамежливо велиме дека е ова опустошување на селата и одумирање на нацијата. Меѓутоа, како и да го наречеме, овој процес повеќе од сигурно е "бела чума" за Пелагонија, велат просветните работници од Битолско и Прилепско.
http://star.dnevnik.com.mk/?pBroj=2653&stID=46744