Бугарите жалат по „златната ера“ на Тодор Живков
Бугарите жалат по „златната ера“ на Тодор Живков
Софија
Дваесет години по падот на Берлинскиот ѕид 60 одсто од Бугарите тврдат дека во комунизмот живееле поубаво.
Според испитаниците, стариот режим бил репресивен, но имало ред и закон, додека денеска паралелно постојат легален политички систем и паралелен, кој го сочинуваат криминалци и припадници на некогашните тајни служби, поврзани со структурите на власта.
Анкетата на американската агенција „Пев рисрч“ покажува дека тагата по минатото е најизразена во Бугарија, најсиромашната членка на Европската унија(ЕУ), каде што владеењето на комунистичкиот лидер Тодор Живков сè почесто се нарекува „златна ера“ и се издига над современото време, одбележано со корупција и криминал.
Бугарите посебно ги иритира фактот дека и покрај високиот степен на корупција и криминал во земјата, во изминатите две децении не е осуден ниту еден политичар.
Многу Бугари за лошата состојба во земјата го обвинуваат и Западот, што дозволил лесно „прелетување“ на старите комунистички кадри во новата елита.
Аналитичарите укажуваат дека општата состојба во општеството условува на власт да се дојде само со популистичка политика.
Според нив, токму тоа на власт го довело и актуелниот бугарски премиер Бојко Борисов. Борисов целата кампања ја помина со ветувања дека ќе се пресмета со криминалот и корупцијата.
Многу Бугари, чекајќи да видат дали ќе го исполни даденото ветување, потсетуваат дека и самиот Борисов своевремено припаѓал на „сомнителни кругови“.
http://www.time.mk/read/53a4bb017f/99a1c90bff/index.html