Вардар про го мести биоритамот за Романија
Реванш-дуелот во четврт-финалето во КПК против Спорт Решица ќе се одигра рано в сабота во 12 ч. по македонско време
Сашко Ѓ. Димовски
Ракометарите на Вардар про ги местат биоритамот за претстојното викенд гостување во Романија кај екипата на Спорт Решица во реванш четвртфиналниот дуел во КПК. Саботниот дуел е закажан за 12 часот по македонско време што е невообичаено за нас, па затоа и екипата во Скопје во изминатите десетина дена тренира во тоа време од денот за што подобро да адаптира во терминот за реализација на конечната цел - полуфинале.
„Чуден термин, но во тоа време Спорт Решица, сепак, ги игра своите мечеви како домаќин. Го проверивме тоа. Затоа и не гледаме никаква тенденција што толку рано ќе се игра реваншот“, вели првиот човек на Вардар про, Михајло Михајловски.
Вардарци со себе ќе однесат плус 6 од првиот дуел во Скопје (28:22) меѓутоа и верба во потенцијалот што го поседуваат за повторување на успехот од 1999 година и од 2005 година кога клубот беше дел од големата четворка во истото ова натпреварување на ЕХФ. За тоа ќе биде потребна и малку спортска среќа, коректно судење, добра игра во одбрана, трпеливо во напад и добро издание на Ристовски. И секако да не се подлегне на атмосферата во салата бидејќи Спорт Решица важи за клуб со едни од најнепријатните навивачи за гостинските екипи. Затоа и ретко губи на домашен терен.
„Решица е „валкана“ дома. Екипата има страшна публика која ги носи играчите низ натпреварите. Запознати сме со тоа и свесни сме што не' чека таму. Затоа сите тренери, па и јас, при ждрепка сакаат реванш мечевите да ги играат на сопствен терен. Но, што е тука е. Нема бегање од тоа. И против Берхем и против Копенхаген игравме прво дома, па во гости и ги минавме. Па, не гледам зошто и овојпат да не биде како во Луксембург и во Данска“, коментира Вардаровиот тренер, Перо Милошевиќ.
И покрај заминувањето на неколку играчи кај Решица во изминатиот период поради финансиската криза во која западна клубот, сепак, противникот и натаму останува конкурентен и во домашното првенство и секако во КПК. Вардар про е свесен за тоа и претпазлив за реваншот кој сигурно ќе има поинаков тек од скопските 60 минути во саботата. Заедничката работа и придонес ќе биде од исклучително значење, во тоа треба да се вклопи и поволен здравствен билтен. Надовеза да ја повтори партијата и реализацијата од првиот меч или да биде блиску до неа, Ристовски да биде стандардно добар, соодветно на предизвикот да одговорат и крилата и кружните напаѓачи, единствено Резничек треба да го подигне нивото и да го смени издание што СРЦ „Кале“ кога постигна само 1 гол.
http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=EEBB676187C3E74091E49FA8656D23B1