МАКЕДОНСКИТЕ ПРЕЗИМИЊА - КРЕАТИВНОСТ НА УМОТ
Двотомниот Речник на презимињата кај Македонците, обемно издание подготвено од Институтот за македонски јазик "Крсте Мисирков" заведува илјадници презимиња што постојат во државата, нивното потекло, начинот на формирање, бројот на луѓе и на семејства.
"Ало? Добар ден. Ќе ве молам, би можел ли да го добијам господин Газлевски?"
"Господин Газлевски во моментов не е тука. Имате ли порака?"
"Пренесете му дека го барал господин Докурчев".
Ваков хипотетички муабет по телефон, доколку се познаваа меѓусебе, би можеле да прават 38 луѓе што го носат презимето Газлевски, и деветмина Докурчеви. Така барем велат податоците собрани и класифицирани во двотомниот Речник на презимињата кај Македонците, обемно издание подготвено од Институтот за македонски јазик "Крсте Мисирков" во кое се заведени илјадници презимиња што постојат во државата, нивното потекло, начинот на формирање, бројот на луѓе и на семејства кои го носат одреденото презиме, местото во кое биле заведени, па и коренот што ги објаснува нивните значења.
38 - те Газлевски, на пример, биле регистрирани во Долно Српци, Битолско, поделени се во осум семејства, а презимето има два корена - едниот се поврзува со изведенка од личното име Газе или Газо, на кои се додале наставките, а вториот, со прекарот од кој исто така може да е изведено презимето, а тоа е "газле", што е дефинирано како "човек со голем газ". Докурчеви, пак, ги имало во две семејства во Велес, а презимето си го одбрале од прекарот "докурче", што значи "оној што носи облека до половиот орган".
Според објаснувањето во Речникот, сите презимиња во Македонија во основа потекнуваат од лично име или прекар. Некои, пак, може да се изведени и од двете категории истовремено, а исто име може да донесе огромен број варијации на едно презиме, во зависност како семејството одбрало кога застанало зад буквите со кои ќе се идентификуваат сите негови припадници.
Па така, во објаснувањата може да се види дека Лазарев може да се врзе со Лазарус - "бог помага, божја помош", Драгомиров доаѓа од старо општословенско сложено име со мотив "да им биде драг на луѓето", петмината Литајкови и 28 Литајковски се презимиња што буквално се изведени од литајка - едноставна селска кола со две тркала, но фигуративно значи дека се работи за прекар за "лит, празен, лесен човек", а Бакрданикоски, кои според речникот ги имало 12 во прилепско, презимето си го зеле од "бакрданик" - јадење од пченкарно брашно. Има едно чудо изведенки од фамилијарни имиња, па именување по села во кои живеела одредена семејно поврзана група, па дури и двајца луѓе кои го носат презимето Американски, и четворица Балкански, па тројца Бугарски, 26 Германски, еден Грчки, неколкумина Македонски.
"Проучувањето на македонските презимиња почнува поорганизирано со формирањето на Одделението за ономастика при Институтот за македонски јазик 'Крсте Мисирков'. Така, уште во 1970 почна да се собира материјал за нивна обработка. Всушност, се препишуваше материјалот од пописот на Социјалистичка Република Македонија од 1961 година и тоа рачно, се подредуваше по азбучен ред (пак рачно), а некои презимиња се проверуваа и на терен. Компјутерите тогаш не ни беа познати и техничката работа ни одземаше многу време и енергија. За жал. Згора на тоа ни беа недостапни 10% од попишаните презимиња (такви беа пропозициите на Заводот за статистика). Но, кога работата претставува задоволство ништо не е тешко. Напротив, обработката се одвиваше со посебен ентузијазам. Круна на тоа беше излегувањето од печат на двотомниот Речник на презимињата кај Македонците во 1994 година и под редакција на Трајко Стаматоски (раководител на проектот)", вели професор Марија Коробар-Белчева од Институтот, еден од обработувачите на материјалот заедно со Олга Иванова, Маринко Митков и Трајко Стаматоски. Додава и дека ситуацијата денеска е веројатно изменета, највеќе во бројна смисла, зашто сепак се работи за податоци од пописот во 1961 година. Освен тоа, Речникот ги заведува презимињата само на оние граѓани декларирани како Македонци по националност на пописот.
Разлистувајќи ги 1564 -те страници на изданието, се налетува на пример на 11 Абдалови (изведени од турскиот збор абдал - глупав, будала), па 16 Аждерски во Берово (од турскиот аждер - змеј, ала, или силен човек, јуначиште), Акалиеви (изведени од акал - умни, паметни), и контра нив 28 Алабакови и Алабаковски (од прекарот алабак - будала, глупав, тап), Алваџиеви и Алваџиоски, "шестопрстите" Алтипармакови и Алтипармаковски, "горчливите" Амароски, па и Амбаковски, изведени од прекарот амбак - на турски надворешната зелена корупка на оревот. Има и Амбарови и Амбарџиеви, па Ашикови и Ашиковски (изведени од турскиот збор за водење љубов, љубовник), и Ашлаков (мангуп на турски). Заведени се триесетина Бабачеви и Бабачевски (од бабаче - дебел, крупен човек), еден Бараба, Барутовски и Барутчиеви, Белдедовски и тројца Белобрадовски, Биволчев, и четворица Билмезови (од турскиот билмез - незнајко, глупав, будала). Македонија има и 30 Боримечковски, па Бричевски, Бубреговски (што фигуративно се користело за оној што живее и изгледа убаво), Бурекоски и Бурекчиски, па двајца Варизељови и неколку Велигденови, па волковските Влкови, В'лчеви, Влчкови, Волчеви, и други варијанти и изведенки од волк, и 33 Враговски.
Во Македонија има и Гаќеви, Глушчеви, Говедарови, деветмина Голицовски, Голомеови и една Господова, петмина Гурабиевски, тројца Дивљаковски, па Домазетови и Домакиновски, па двајца Дубарџиеви. Има и неколку Дупевски и Дупешовски, па четворица Заблеви (кои презимето го добиле од прекарот забле - заблест човек, зајадливец и дрдорко), или Зарезанкови (оној што сече, оној што е зарезан), но и три семејства Зверови и Збутанов. Речникот ги наведува седуммина Зејтинкови од Штип, па Зелембаба. На "S" има само 12 регистрирани презимиња, на "Њ" две, а на листата понатаму се 26 Јадилебовски од битолско Логоварди, Јајчари од Охрид, но и 6 Јуди од Крушево (потеклото е по Христовиот ученик што го предал). Во Велес, пак, има двајца Казанови, ама потеклото на презимето не е од прочуениот љубовник, туку прекар од турскиот казан. Турскиот јазик и зборот за слаб и закржлавен човек го дал и коренот на презимето Какарец, а Македонија и кочанско можат да се пофалат со десетмина Калашникови, иако коренот е во турскиот "калаш" - крадец, расипник и бекрија. Интересно е презимето Каликокошкоска, изведено од прекарот Каликокошка, односно оној кој колел кокошки, па Камшиковски од Ѓорче Петров, Карабатак во битолско, Кебапова, Келепуровски, Кркачев, Келешеви, па Кикиритков, Киселов (што освен асоцијацијата на лимон, фигуративно значи дека човекот е нерасположен, строг и незгоден), Лапајкоска во охридско, Лепешкоски во прилепско, а заведено е и презиме Клетничка. Во Гостивар четворица се презиваат Пењивраг, што доаѓа од српското "качување" и "враг", а во струмичко Бориево едно лице го носи името Љубов.
И така во недоглед, оти презимиња, кованици и сите можни измислици се нижат едно по едно, менувајќи ја само почетната буква.
"Презимето денес е најстабилна категорија во антропонимискиот систем бидејќи никогаш не го менува својот облик. Презимето не се избира. Тоа е познато е уште пред да се роди детето и следува по природен пат, за да го означи родот на кој му припаѓа, (неговата фамилија) и на тој начин ги чува фамилијарните корени. Затоа преку него најдлабоко се понира во минатото и се открива нашиот духовен и физички простор", вели професор Коробар. Македонските презимиња се образуваат од лични имиња со суфиксите -ски или -ов/-ев и дијалектното -оски/-ески, и од прекари кои означуваат: занаети, припадност по националност, според некое населено место, некоја психичка или телесна особина и слично. Па така ќе сретнеме Прдевски, Прдешлиеви и Прдлеви (од прекарот Прде - испушта гас), Чаламовски (од чалам - фалење, пречење), Пичоски (од пич - тукушто никнато гранче или новороденче), па дури и Фукара во Скопје (од турскиот сиромав човек, бедник).
Професијата, особено занаетите, многу често се наследувани и тоа придонело за нивно затврдување во презимињата. Презимињата со професионално име во основата се многу чести, а професор Трајко Стаматоски ја прави класификацијата на ваквите презимиња во "Македонска ономастика", издадена од Институтот за македонски јазик "Крсте Мисирков". Па така, во Македонија има "административно-правни" презимиња - како Адвокатов, Граматиков (од граматик-писар кај Србите, а кај нас и Китапов и Јазаџиев), Даскалов (од турскиот учител), потоа "војнички" - Бајрактаров, Борозанов (од турскиот - трубач), Гавазов (турски - стражар, придружник), Сеизов (турски - коњушар), "духовни" како Владиковски, Ѓаконовски, Поповски, "трговски" - Бакалов, Брашнарски, Туџаровски (турски - трговец), "занаетчиски" - Абаџиев, Алваџиевски, Ќумурџиев, Фурнаџиски, Шеќерџиев, Пушкаров, "земјоделски" како Козаров, Свињароски, Смокварски, Тикварски, но и "стопански" - Зографски ( грчки - иконописец), Коробар/Салџиев (турски - кораб, сплав), Сарафоски (турски - менувач, банкар), и многу други. Добар дел од презимињата имаат во основата професионално име од туѓо потекло, највеќе турско и потоа грчко, што доаѓа од повеќевековното политичко турско ропство и духовното грчко ропство. Интересно е и што дел од ваквите презимиња се поврзани со одредени географски региони. Овој тип презимиња овозможуваат и да се следи со кои професии се занимавале Македонците. Многу од овие занаети и професии се загубени со текот на времето, а во иднина веројатно ќе се загубат и други, па презимињата ќе останат само ретки сведоци за нивното постоење.
* * *
Македонците добиват презиме во 19 век
Презимето кај Македонците се зацврстува во пошироките слоеви на населението дури во деветнаесеттиот век со навлегување на европските обичаи и институции. До прифаќањето на презимето кај нас, како и кај други народи, е во употреба најпрво системот на голо лично име збогатен со многубројна хипокористика и подоцна системот на лично име со некоја додатна определба.
Кога веќе само личното име не можело да биде доволно за идентификација, почнал да се развива системот на лично име со некоја додатна определба. Презимето се јавило побрзо кај градското и она селско население кое имало поразвиени трговски, духовни, општествени врски. Во некои земји (како Полска, Јапонија, Русија и други) одделни слоеви на населението дури и немале право да имаат презиме. Се смета дека презимето се јавува уште во 11 век, и дека патот одел од Италија во Франција, за потоа да премине во Англија, а подоцна, во 12 век, имало широка распространетост во Германија, а во 15 и 16 век и во Данска и Шведска.
Кај Македонците, тоа затврдување на презимето е забавено не само поради степенот на развој, бавното навлегување на европските обичаи и институции, застареното општествено уредување, но и поради фактот што народите со кои македонскиот народ бил постојано во контакт (Турците, Грците, Евреите, Србите и Бугарите) не знаеле за презиме дури и во 19 век.
* * *
Највеќе Димитровски, Ивановски, Николовски
Со изумирањето на одделни презимиња (нивните носители) доаѓа до тоа голем број луѓе да носат исто презиме. Кај нас, голем број луѓе имаат презимиња Димитров(ски), Иванов(ски), Николов(ски), Стојанов(ски), Трајков(ски), Цветков(ски). Кај Хрватите, според податоците, најчести се презимињата Хорват и Ковачевиќ, а зад нив Бабиќ, Кнежевиќ, Новак, Вуковиќ. Кај Словенците најфреквентни презимиња се Новак, Хорват, Крајнц, Ковачич, Зупанчич, Поточник. Французите ги имаат Мартен, Бернар, Тома, Пти, Дибоа, Диран, Мишел, Ришар, кои ги носат милион лица, па се размислува за либерализирање на изборот на презимето и дозволување да се создаваат нови.