Нимиц е поголем оптимист по средбата во Виена
Заврши средбата во Виена помеѓу медијаторот Нимиц и преговарачите Василакис и Димитров. Првите импресии што Нимиц ги даде по состанокот се дека е поголем оптимист отколку по последните средби.
Според него, постои можност наредната недела двајцата преговарачи Василакис и Димитров повторно да се сретнат со Нимиц и тоа да се случи во Њујорк, во седиштето на ОН.
Постојат неколку елементи, рече Нимиц, коишто навестуваат дека би можело во наредниве 15-ина денови да се дојде до решение, меѓутоа се уште не е ништо сигурно и се ќе зависи од моменталниот политички момент во двете држави.
Внатрешните политички ситуации во Македонија и во Грција нема да влијаат на преговорите, ниту за нив денеска се разговарало, изјави Нимиц.
Инаку, Василакис и Димитров не дадоа изјави.
Секогаш треба да се биде оптимист дека решението е можно, изјави медијаторот Нимиц пред денешниот состанок со преговарачите Димитров и Василакис во Виена.
Најновата средба меѓу тројцата дипломати се случи во канцеларијата на специјалниот пратеник на ОН за Косово, Марти Ахтисари.
Грчкиот преговарач Василакис пред средбата најави дека својот став ќе го даде по состанокот со Нимиц и Димитров.
Претходно грчки извори за А1 изјавија дека денешниве не се последни преговори за името и дека најверојатно тие ќе продолжат, без разлика каков ќе биде денешниот резултат.
Македонскиот преговарач во Виена официјално со себе го носеше стариот предлог за двојната формула, но за разлика од последната средба во Њујорк, сега Димитров со уште еден аргумент, кој требаше да ја покаже македонската конструктивност.
Клучната точка и можеби единствена, којашто денеска можеше да донесе поместување во односите Грција-Македонија, е изјавата на претседателот Црвенковски, кој минатата недела најави дека Македонија е подготвена за прифаќање на додавка која нема да го наруши националниот идентитет.
Иако Владата се спротивстави на личното мислење на Претседателот, сепак А1 дознава дека тоа е конечната црвена линија до која може да оди македонската страна.
Дали Нимиц воопшто презентирал некаков план или рамка, како што брифираат американските извори, која била подготвувана во соработка со Стејт Департментот, зависи од дипломатските игри во Виена.
Имено, иднината на македонскиот влез во НАТО зависи од тоа дали некоја од страните прва ќе даде сигнал дека е подготвена за нов компромис. Доколку тоа се случи, тогаш најверојатно и Нимиц ќе го извади најновиот предлог на маса.
За време на последната средба со Василакис во Солун, на прашање од известувачот на А1, Нимиц рече дека до нова средба ќе дојде само доколку има видни поместувања напред во ставовите на двете држави.
И покрај ригидните ставови на Грција, преговарачите Василакис и Димитров на денешните разговори во Виена дојдоа со оптимизам. Дали нивниот оптимизам е реален, ќе се види веќе во наредниве неколку денови.