Влада не смее да падне. Сите анализи укажуваат на тоа дека Владата - слаба, разнишана, уценувана однатре и однадвор, каква-таква, мора да опстане додека земјава влезе во НАТО и го добие датумот за почеток на преговорите со ЕУ. Во спротивно, ако дојде до нејзино паѓање и распишување предвремени избори, последиците за нашата земја ќе бидат далекусежни.
Наместо распад на Владата и предвремени избори, сега треба сите сили да се фокусираат кон елиминирање на заканата од Грција, добивање покана за членство во НАТО и напорно работење за исполнување на задачите што ги донесе потпретседателот на ЕК Франко Фратини.
Доколку Тачи, пак, и понатаму игра на тврдата карта, тогаш единствената опција што му станува на Груевски е да се впушти во барање нови коалициски партнери и рекомпонирање на владиното мнозинство. Ситуацијата во која сега се наоѓа земјава е речиси идентична според тежина со ситуацијата во 2001 година. И тогаш, а и сега, е доведена во прашање безбедноста на Македонија, нејзиниот опстанок и иднина. Ова се во вистинска смисла на зборот судбоносни моменти за нашата земја.
Оттука, и опозициската СДСМ, и либералдемократите, и ДУИ, и сите останати ако и' мислат добро на оваа земја, треба максимално да се стават на располагање во наредните месеци до ноември, за кога ЕУ најави дека ќе го одреди датумот за почеток на преговорите. Потоа можат да се прават предвремени избори, може да се караат, да се тепаат.