По најавите на лидерот на Демократската партија на Албанците, Мендух Тачи за напуштање на Владата се размислува за широка владина коалиција која би постоела до самитот на НАТО, неофицијално дознава Нетпрес од извори на Владата.
Целта на коалицијата била да се искористи историската шанса, Македонија да добие покана за челенство во НАТО, а притоа никој да не ја сноси одговорноста за тоа што би се прифатил компромис за името со Грција. По самитот на НАТО се очекуваат вонредни парламентарни избори.
Тачи пак по средбата со евроамбасадорот, Ерван Фуере, не прецизира дали го поддржува формирањето на широка владина коалиција.
“За тоа ќе видиме после, не е моја работа. Јас сум можеби четврти или петти кој треба да се праша. Има други политички партии кои се појаки“.
Прашан за гласините во јавноста, владиниот портпарол, Ивица Боцевски за Нетпрес вели “владата се фокусира на реализација на својата програма“.
Тачи денеска најави дека ќе ја напушти владината коалиција по средбата со американската амбасадорка Џилијан Миловановиќ.